Скандал со ковид тестови во Германија

Во Германија, приватните центри за тестирање никнаа како печурки по дождот во последните месеци. Сепак, критичарите уште од самиот почеток тврдат дека системот е ранлив на измама. Откако германската влада воведе бесплатно тестирање за сите граѓани на почетокот на март, центри за тестирање се појавија низ целата земја. Освен во аптеките и кај лекарите, тестовите може да се вршат и во еден од многуте центри лоцирани во трговски центри, паркинзи на трговски центри или во едноставни контејнери во близина на прометни локации, како што се железнички станици.

Масовното тестирање стана еден од приоритетите и главните механизми во борбата против пандемијата. За многумина со чувство за добар бизнис, основање компанија за тестирање набрзо се покажа како многу профитабилна дејност. Овие центри ѝ наплатуваат на државата 18 евра по тест. Овие тестови ја чинеа државата над 660 милиони евра само во април и мај.

Но, како што сега открива истражувачки тим за јавни услуги WDR и GDR и надрегионалниот дневен весник „Зидојче цајтунг“, овој систем буквално повикува на манипулација без преголема можност за верификација. Новинарите од овој тим тајно го контролираа бројот на извршени тестови во неколку случајно избрани тест центри. Во еден центар во Келн, новинарите избројале 70 тестови направени за еден ден. Компанијата што стои зад овој тест центар ѝ наплати на државата 1.000 тестови за тој ден. Слични заклучоци беа донесени со следење на слични центри во Есен и Мунстер, пишува Дојче веле.

По критиките, министерот за здравство Јенс Шпан беше принуден да реагира.

„Без разлика дали станува збор за маски или за тестови – секој што ја користи пандемијата за да се збогати на криминален начин, треба да се срами“, објасни политичарот од ЦДУ преку Твитер, додавајќи дека „добро е сега да се вклучи и јавното обвинителство“.

Државното обвинителство за економски криминал започна истрага против двајца раководители на компанија во Бохум за кои е утврдено дека имаат лажни сметки. Шпан најави „случајни проверки“ и рече дека компаниите што ги спроведуваат тестовите мора да ја чуваат документацијата до 2024 година, до кога е предвидено да се прават тестирања.

Здравствената канцеларија во Келн стравува дека ова е „врвот на ледениот брег“ и дека наскоро ќе излезат на виделина нови случаи на погрешни пресметки. Здравствените служби стравуваат од уште еден негативен ефект. Трите центри, следени од истражувачкиот тим, во рок од една недела пријавиле 25.000 тестови, од кои ниту еден не бил позитивен. По најновите сознанија за реалниот број на испитани лица, постои стравување дека овие искривени податоци може да ја нарушат реалната епидемиолошка слика, пренесува СЕЕбиз.

Помалиот коалициски партнер на ЦДУ/ЦСУ, Социјалдемократската партија на Германија (СПД), остро го критикуваше министерот Шпан за, како што рече, „катастрофалното управување“ во борбата против пандемијата.

„По маските, сега и скандал со брзите тестови. Министерот Шпан ги игнорираше предупредувањата од коалицискиот партнер дека условите под кои се спроведуваше тестирањето се неприфатливи“, рече Карстен Шнајдер од СПД. Во изминатите месеци имаше обвинувања против неколку членови на ЦДУ/ЦСУ дека тие се збогатиле со набавка на заштитни маски, по што неколкумина од нив се повлекоа од своите политички позиции.

Advertisement