Со едногласна одлука на 42 земји – членки, Македонија стана полноправна членка на Унијата за Медитеранот

Во рамки на Регионалниот форум на унијата за Медитеранот, што денес се одржува во Барселона, министрите за надворешни работи на 42 земји членки едногласно ја донесоа одлуката за полноправното членство на Република Македонија во Унијата за Медитеранот – организација која ги вклучува сите земји членки на ЕУ, како и медитеранските земји кои не се дел од ЕУ.

При своето обраќање на свечениот чин на пристапувањето, министерот за надворешни работи, Бујар Османи, изрази благодарност за препознавањето на вистинскиот интерес на Македонија да се приклучи на Унијата за Медитеранот, како и за дадената доверба.

„Нашето учество во Унијата за Медитеранот како платформа за регионална соработка и дијалог ќе ни овозможи како земја со отпочнати преговори за членство во ЕУ, поблиско вмрежување и интеграција на Македонија во европските структури што го покриваат медитеранскиот басен и соодветна интеракција со земјите од Европската Унија и петнаесетина земји од Јужниот и Источниот Медитеран“, рече Османи.

Османи, меѓу другото, истакна дека Македонија, со својата традиција на меѓуетнички дијалог, кохезија и мирно решавање на билатерални спорови, придонесува за стабилноста на Југоисточна Европа преку промовирање на европските вредности, добрососедски односи, регионална соработка и културата на дијалог. И дека како таква, со денешното приклучување во работата на организацијата, Македонија ќе се обиде да придонесе за промовирање на растот, вработувањето, регионалната кохезија и социоекономската интеграција, додавајќи вредност на севкупните односи во Евро-медитеранскиот Регион.

Advertisement