Во просториите на општина Пустец потпишан е договор меѓу четворица партнери за почеток на проектот „Smart4You2“, што е поддржан од ИПА2. Според градоначалникот на Пустец, Пали Колефски, освен него потпис ставиле претставници на општина Битола и музејскиот центар од овој град, како и Регионалната дирекција за културно наследство од Корча.
Проектот кај нас опфаќа рехабилитација на патеката до црквата „Света Богородица“ на островот Мал Град, кај Пустец, санација на плоштадот во центарот на селото Глобочани, како и поврзувачкиот пат со музејската куќа на нашиот познат писатаел Стерјо Спасе. За оваа цел предвидени се средства од околу 100 илјади евра, изјави Колефски.
Според него проектот е дел и последна фаза од проектите Smart_Cul_Tour, кофинансирани од ЕУ во рамки на вториот повик од ИПА програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Македонија и Република Албанија, 2014-2020 година.
-Овој проект има за цел да ја зголеми туристичката понуда и одржливиот развој за локалната заедница и прекуграничниот регион Преспа. По изградбата на музејот во Глобочани веќе имаме зголемен интерес за негова посета од страна на туристи, не само од Македонија и од Албанија туку и пошироко. Тој е првиот музеј во регионот кој даде дополнителна вредност на ова прекрасно подрачjе, посочува Колефски.
Музејот на Стерјо Спасе, познат албански писател со македонско потекло, родум од малопреспанското село Глобочани беше пуштен на крајот на месец март годинава. Тоа е поранешно училиште каде што и тој самиот учел.
Стерјо Спасе, роден е во 1914 а починал во Тирана, 1989 година. Тој е познат писател со македонско потекло и е еден од основоположниците и најзначајните претставници на современата албанска литература. Познат е и како антологичар, преведувач, учебникар и собирач на македонски народни умотворби во Мала Преспа.
Во август 2014 година, во рамки на одбележувањето на 100-годишнната од раѓањето на Спасе во Глобочани беше поставена неговата биста.
Пред три години тогашниот албанскиот претседател Илир Мета, постхумно го одликува со признанието „Витез на редот на знамето“. Тогаш Мета рече дека неговиот познат роман „Зошто“ го најавил создавањето на современа литература во Албанија, додавајќи дека Стерјо Спасе е значајна личност не само во Албанија туку на Балканот и Европа.