Со „Медена земја“ се отвори Филмскиот фестивал на документарен филм во Будимпешта

На 27 јануари 2020 г. во Будимпешта започна традиционалниот Меѓународен фестивал на документарен филм 2020, кој ќе трае до 2 февруари. Фестивалот беше свечено отворен со прикажување на македонскиот документарен филм „Медена земја”. Во преполната сала пред прикажувањето на филмот што беше медиумски покриено,  пригодни обраќања имаа градоначалникот на Будимпешта, Гергеј Корачоњи и амбасадорот на Македонија во Унгарија, Горан Стевчевски.

Во своето обраќање, Амбасадорот, навраќајќи се на досегашните успеси на филмот, меѓу  другото, укажа дека иако „Медена земја” во суштина раскажува една мала, локална приказна за начин на живот кој полека изумира,  таа во себе носи силна глобална порака. Тоа е приказна за односот меѓу човекот и природата, за борбата на конзумеризмот и човечката алчност наспроти пристојноста, почитувањето и грижата за другите. Зборовите на главниот карактер Атиџе, иако звучат мали, резонираат силно кога станува збор за заштита на животната средина, биодиверзитетот, спречување на биодеградацијата како резултат на прекумерно искористување на природните ресурси, и спречување на климатските промени.

По прикажувањето „Медена земја” беше поздравен од гледачите со голем аплауз. Организаторите на Фестивалот, во соработка со Амбасадата на Македонија во Будимпешта, по прикажувањето на филмот приредија коктел за посетителите.