Сочувство за загинатите и молитви за закрепнување на повредените од Македонците во Албанија

Со длабока тага и неизмерна болка и Македонците во Албанија ја примија веста за трагедијата во Кочани, изразувајќи длабоко и искрено сочувство до семејствата на младите животи што прерано згаснаа и се молат за закрепнување на повредените.

Македонско друштво “Илинден“-Тирана изразува длабоко жалење за несреќата во дискотеката во Кочани, Македонија. Изразуваме длабоко сочувство до семејствата на загинатите. Нема зборови што можат да ја намалат загуба, но нека љубовта и спомените на нивните сакани им дадат сила во овие најтешки моменти. Молитвите на Македонците во Албанија се за што побрзо закрепнување на повредените, стои во соопштението на Македонско друштво “Илинден“-Тирана

Од свое и од име на жителите на општина Пустец, сочувство упати градоначалникот Пали Колефски.

Во овие тешки моменти, изразуваме искрено сочувство за загубата на животите во трагедијата во Кочани. Нашите мисли и молитви се со семејствата на жртвите и сите погодени од оваа несреќа. Посакуваме повредените да закрепнат што побрзо и заедницата да најде сила да се справи со оваа голема болка, наведува Колефски.

Длабоко и искрено сочувство до семејствата на загинатите и желби за закрепнување на повредените во трагедијата во Кочани упати и лидерот на Македонска алијанса за европска интеграција, Васил Стерјовски.

Потресени сме од големата трагедија што се случи во Кочани. Ова е голема загуба за Македонија, заедно сме со болката на семејства на починатите. Посакувам утеха и мир во срцата. Во овие тешки  моменти, нашите мисли и молитви се и со повредените на кои им посакуваме побрзо закрепнување, напиша Стерјовски.