Социјалистите гласаа против одземање на имунитетот на Саимир Тахири

Парламентарната група на Социјалистичката партија на Албанија едногласно беше против апсењето на поранешниот министер за внатрешни работи, Саимир Тахири, кого Јавното обвинителство го сомничи за тешки кривични дела. Едногласен став Социјалистите ќе искажат и во среда на пленарната седница, кога Обвинителството ќе побара истрага против Тахири. Премиерот Еди Рама привремено го исклучи Тахири од парламентарната група до потврдување на неговата невиност. Рама упати критики до Јавното обвинителство за, како што изјави, неоснованото обвинение против Тахири кое е политички мотивирано од опозицијата.

Од каде сега се појави оваа непозната работа на Обвинителството за тешки дела, кое со прст не мрдна од своето формирање, било за илјадници обвинувања од јавни лица, прислушувања на криминалот, ниту за фактите и доказите кои јасно се гледаат како многу сомнителни во сите години од постоењето на ова обвинителство“ – изјави Еди Рама- премиер на Албанија. На обвинувањата на Рама дека Обвинителството со истрагата сака да ги сопре реформите во правосудството, реагираше Јавното обвинителство кое тврди дека п. остојат сите услови и законски околности со кои е потребно апсење на Тахири.

На изјавата на премиерот Рама реагираше и лидерот на опозицијата, Љуљзим Баша кој го обвини лидерот на Социјалистите за прекршување на Уставот и на законот со цел заштита на Саимир Тахири. Баша го нарече Рама заложник на криминалните врски. Во среда, Собранието на Албанија ќе одлучи ЗА или ПРОТИВ барањето на Обвинителството за тешки кривични дела кое бара апсење на поранешниот министер за внатрешни работи за делата „шверц на дрога“ и „пасивна корупција на државни функционери“.

Тахири исто така се сомничи за криминални врски со „Хабилај“, криминална група која беше уапсена деновиве под сомнение за шверц на наркотични средства. Нивното досие првично беше објавено во италијанските медиуми, а постои сомнеж дека истите биле под посебни истражни мерки од Јавното обвинителство на Италија. Тахири во своето образложение пред Комисијата за именување, мандат и имунитет истакна дека Хабилај е далечен роднина и дека неговата врска се однесува само на продавање автомобил во 2013 година.

Advertisement