Советот на Европа бара од 1 јуни оваа година Бугарија да ги регистрира македонските здруженија  

Со непочитување на одлуката до 1 јуни оваа година да ги регистрира македонските здруженија, Бугарија отворенo му се спротивстави на Советот на Европа, вели за „Слободен печат“ претседателот на ОМО – “Илинден”-Пирин, Стојко Стојков. И покрај сè што направија за да ги „избришат“ македонските здруженија во Бугарија, бугарските власти не успеаја да ги затворат случаите на македонските организации ОМО “Илинден”- Пирин, за репресираните Македонци и други што бараат да бидат регистрирани. Бугарија и понатаму се обидува да ги држи Македонците надвор од општествениот живот во Бугарија, затоа и не ги регистрира – вели Стојков. Тој најавува дека македонските здруженија нема да се откажат од борбата за своите права.

Сега сè е ставено на коцка. Бугарија се обидува да го натера Комитетот на министри да се откаже од мониторингот и да ја остави Бугарија да прави што сака во врска со македонските здруженија, односно и понатаму да не ги регистрира. Но, ние борбата за регистрирање ќе ја продолжиме. Тука се ОМО Илинден Пирин, Друштвото на репресираните Македонци во Бугарија жртви на комунистичкиот терор, Граѓанско друштво за заштита на основни индивидуални човекови права, Македонски дискусионен клуб за етничка толерантност, Правозаштитен комитет Толерантност. Ние и понатаму ќе ја водиме битката во Советот на Европа – вели Стојков.

Тој очекува на заседанието на Советот на Европа, од 7 до 9 јуни, да биде отворено и прашањето за непочитување на одлуката на Бугарија за нерегистрирање на македонските здруженија и верува дека ЕУ поостро ќе се заложи Бугарија да ја спроведе одлуката на Советот на Европа. Осум македонски здруженија чекаат да бидат регистрирани од бугарската „Агенција за впишување“, а од Судот за човекови права во Стразбур досега се донесени 13 пресуди против дискриминација на Македонците од страна на бугарските власти./www.slobodenpecat.mk

Advertisement