Србија нема да воведува санкции кон Русија

 

Србија се наоѓа на европскиoт пат, но нема да воведува санкции кон Русија, српскиот претседател Александар Вучиќ, при што министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, ја поздрави ваквата изјава со оценка дека не е европски да се очекува една држава да се откаже од добрите односи со било кој. На заедничката прес-конференција во Белград по повод 180 години од воспоставувањето на дипломатски односи помеѓу Русија и Србија, Вучиќ изјави оти верува дека ќе има притисоци, но дека Србија ќе биде на истата линија.

„Србија нема да ја менува својата политика кон Руската Федерација. Претходно, секаде кажав дека Србија нема да наметне санкции кон Русија, ниту некогаш тоа го правела, и со гордост морам да кажам дека Русија никогаш не направила ништо против интересите на Србија. Србија ќе продолжи да ја почитува својата политика и се надеваме дека ќе наидеме на разбирање во Европската Унија и дека тие добро ќе ја разберат специфичноста на ситуацијата со Русија, а доколку тоа не биде случај, Србија е самостојна и независна земја“, рече Вучиќ.

Како што објасни, Србија има голема препрека која мора да ја реши, а за тоа не е потребна само добрата волја на Србија, туку и на Албанците и ЕУ.

„За тоа колку ќе бидеме успешни останува да се види во наредната година или две“, додаде тој.

На тоа Лавров изјави дека е убеден оти секоја држава мора да ги бира своите партнери, тргнувајќи од своите национални интереси и дека не е европски да се oчекува една држава да се откаже од добрите односи со било кој.

Advertisement