Средба на Државниот секретар на МНР Виктор Димовски со делегација на Федералното министерство за Европа, интеграции и надворешни работи на Австрија

Државниот секретар во Министерството за надворешни работи на Република Македонија Виктор Димовски, денес, прими делегацијата на Федералното министерство за Европа, интеграции и надворешни работи на Австрија и амбасадорите на Австрија во регионот на ЈИЕ предводена од амбасадорот Клаус Волфер. Амбасадорите на Австрија од земјите од Југоисточна Европа претстојуваат во Република Македонија заради учество во работата на Конференцијата, што се одржува во Скопје во периодот од 8 до 10 март, во организација на Австриската амбасада во Скопје. За време на средбата беа разменети мислења во врска со стратегијата на Австрија за земјите од Западен Балкан, перспективите на проширувањето на ЕУ и текот на подготовките за претстојното австриско претседателство со ЕУ, во втората половина на 2018 година.

Државниот секретар Димовски осврнувајќи се актуелниот момент во односите меѓу Европската Унија и Република Македонија, ја реафирмира нашата приоритетна цел – почеток на преговорите за пристапување во Унијата, при што ги запозна присутните со активностите кои ги презема македонската влада во насока на исполнување на критериумите за членство во Европската Унија. Посебен акцент беше ставен на исполнувањето на итните реформски приоритети. Државниот секретар Димовски, исто така, информираше за активностите за унапредување на односите и соработката со соседните земји, во насока на градење на клима на заемна доверба, и во овој контекст за напорите за решавање на разликата со Грција околу нашето уставно име. Осврнувајќи се на тековните активности во односите со Европската Унија, Државнииот секретар Димовски го изрази очекувањето претстојните настани од европската агенда да го трасираат патот на Република Македонија кон посакуваната и зацртана цел – отпочнување на претпристапните преговори со Европската Унија.

Advertisement