Средба на комисиите за европски прашања на парламентите на Македонија, Албанија и Косово

Средба меѓу претседателите и членовите на комисиите за европски прашања на парламентите на Република Македонија, Република Албанија и Република Косово се одржа денеска, во рамки на работната посета на Скопје на парламентарните делегации на двете соседни земји. Со состанокот претседаваа претседателите на трите  работни тела, Арбер Адеми од Комисијата за европски прашања во Собранието на Македонија, Јорида Табаку, која ја предводи Комисијата за европски прашања во Собранието на Албанија и Резарта Красниќи, која е на чело на Комисијата за европски интеграции во Собранието на Косово. Пратениците од трите држави разменија мислења за евроинтеграцијата на регионот, во зависност од етапите од тој процес во кој се наоѓа одредена земја  и предизвиците со кои се соочува, за потребата од спроведување на европските критериуми, како и за неопходноста за засилување на регионалната соработка и размената на искуства на патот кон ЕУ.

Во текот на дискусијата, произлезе и иницијатива ваквите средби да прераснат во традиција, со цел континуирана координација меѓу  комисиите за европски прашања, вооедно и во рамки на Берлинскиот процес, како и воопшто за понатамошно јакнење на парламентарната соработка. Претседателот на Комисијата за европски прашања на Собранието на Македонија притоа истакна дека односите на нашата земја со Албанија и со Косово ги карактеризира длабоко пријателство, без какви било отворени прашања, меѓусебна поддршка, почитување и отворен дијалог, што се пресликува и во меѓупарламентарната соработка, како на билатерално, така и на мултилатерално ниво.

Тој ја поздрави одлуката на ЕУ за визна либерализација на Косово, а истакна и дека Македонија и Албанија заедно го почнаа објаснувачкиот скрининг, а сега и билатералниот скрининг. Упте од независноста во 1991 година, како што потенцира Адеми, нашата земја се соочува со предизвици на патот кон полноправното членство во ЕУ, но најважно е што земјата не ја смени својата евроатлантска ориентација.

„Македонија помина низ навистина тежок реформски процес ориентиран кон ЕУ и ниту еден аспект на нашето општество не остана непроменет. Сите области поминаа низ процес на приближување и усогласување на нашето со европското законодавство. Околу 1.200 закони се донесени овде во Собранието, во кои се транспонирани повеќе од 2.500 акти на ЕУ во нашиот правен систем. Но, како што знаете, преговорите по кластерите би започнале по уставните измени. Во моментов, тоа е најважната задача што Собранието треба да ја исполни и искрено се надевам дека сите пратеници и од мнозинството и од опозицијата нема да ја доведат во прашања или да ја закочат европската иднина на нашата земја’, рече Адеми.

Претседателката на Комисијата за европски прашања во Собранието на Албанија, истакна дека Македонија се соочи со  многу предизвици и направи отстапки како никој друг на Балканот во процесот на евроатлантска интеграција. Сепак, како што оцени Табаку, денес се наоѓаме во една поповолна и пооптимистичка позиција во однос на интеграцијата, и покрај ситуациите со кои се соочуваат Македонија – поради односите со Бугарија и Косово – со оглед на дијалогот Белград – Приштина. Претседателката на Комисијата за европска интеграција во Собранието на Косово посочи дека ова тело, всушност, има надзорна улога над извршната власт во земјата, посебно во делот на усогласувањето на ЕУ-законодавството. Ние, рече Красниќи, сме среќни што ЕУ ги отвори вратите за Македонија и за Албанија, додека Косово минатата година аплицираше за членство.

Од членовите на Комисијата за европски прашања во Собранието на Македонија прва се обрати Благица Ласовска, која рече дека меѓу пратеничките групи застапени во КЕП нема разлики во однос ориентацијата за членство на земјава во ЕУ, и покрај разликите во врска со употребата на европското знаменце во процесот на хармонизацијата на законодавството.

Пратеничката Снежана Калевска Ванчева рече дека земјите од регионот се соочуваат со бројни предизвици во процесот на интеграција. Сепак, како што нагласи, од нас зависи дали предизвиците ќе не приближат или ќе не оддалечат.

Потпретседателката на КЕП, Арта Билали Зендели, рече дека оваа средба зборува за пријателските односи меѓу трите земји, без отворени прашања, а со заедничка адреса, а тоа е Брисел. Како политичар од поновата генерација, рече Билали Зендели, очекувам политичките лидери во земјава да ги надминат партиските граници и да дејствуваат заедно за иднината на државата.

Пратеничката Гордана Силјаноска Давкова рече дека ЕУ изгради специфичен пристап во однос на Балканот. Ние, нагласи таа, од секогаш сме дел од Европа и воопшто не сме проблем за апсорпцискиот капацитет на ЕУ.