
Пратеникот од Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, во албанскиот парламент, Васил Стерјовски, на денешната пленарна седница во својата дискусија ја акцентираше потребата од отворање на граничниот премин Церје, на албанко – грчката граница.
Тој при тоа рече дека Европската унија му дава посебна важност на регионот Преспа, кој се протега на териториите на три земји, Албанија, Македонија и Грција и се подготвува да финансира посебен проект „ЕУ за Преспа“ за развој на регионот на Преспа преку ИПА програмата.
Македонската заедница во општина Пустец, област на Преспа, со години бара отворање на граничен премин со Грција во селото Церје, во општина Пустец. Отворањето на овој граничен премин ќе донесе посебен развој на општината Пустец, ќе ја зголеми економската соработка помеѓу жителите од двете страни на границата и ќе го зголеми бројот на туристи како во Општина Пустец така и во Општина Корча, посочи Стерјовски.
Тој од собраниската говорница побара од албанската Влада да ги земе во предвид барањата на Македонците во Пустец, подржани од него како пратеник и лидер на МАЕИ, од локалната власт на општина Пустец, како и окоругот Корча.
Ја повикувам албанската Влада да ги земе во предвид барањата на македонската заедница, да разговара со грчката страна и ЕУ за отворање на овој граничен премин и со средства од ЕУ да се изгради потребната инфраструктура и да се асфалтира патот од селото Зрноско до Церје, побара Стерјовски.
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden