Стерјовски предложи давачките за осигурување на возилата во Албанија по македонскиот пример

Пратеникот од Македонска алијанса за европска интеграција, Васил Стерјовски, на денешната седница на парламентарната комисија за европска интеграција ја посочи Македонија како пример за надминување на проблемот со големиот број возила со странски регистарски таблички.

За тоа, тој како причина ги посочи високите давачки за осигурување и добивање зелен картон во Албанија, на седницата на која на дневен ред беа Предлог-измените на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.

Точно е дека дел од албанските граѓани користат возила со странски регистарски таблички, но причината што ги користат не е криминалот, туку е поврзано со осигурувањето на возилата. Фактот што ние како држава имаме најскапо осигурување во Европа, како во однос на внатрешното, така и надворешното осигурување, тоа е причината што добар дел од нашите граѓани поседуваат возила со странски регистарски таблички чисто од економски причини, рече Стерјовски.

Тој илустрираше со примерот на жителите од округот Корча, каде голем број поседуваат возила со македонски и грчки регистарски таблички.

Јас живеам во Корча и ние сме погранична област со Македонија и со Грција. Ако го земеме случајот со Македонија, за надворешното осигурување (зелен картон), постојат два вида осигурување, за мали автомобили е 60 евра годишно, за големи автомобили е 90 евра годишно, додека тука ние имаме надворешно осигурување што е 400 евра годишно за сите возила. Така што, добар дел од граѓаните тука во округот на Корча поседуваат возила со странски регистарски таблички само поради ниските даноци. Сметам дека тука треба да се фокусираме и да ги намалиме даноците, рече тој.

Предлогот беше поддржан и од Сенида Меси, потпретседателка на комисијата, која претседаваше со онлајн седницата на комисијата, која ја заменува пратеничката Рудина Хајдари, која е на кандидатска листа за парламентарните избори.

Господине Стерјовски, ви благодарам што го инициравте ова прашање. Всушност и мојата логика оди во иста насока, дека не треба да се гледа со предрасуди кон секој што поседува возило со странски регистарски таблички. Многу е значајно она што вие штотуку го посочивте, рече Меси.

Освен со македонски, низ патиштата во Албанија сообраќаат голем број возила, пред се со грчки и италијански регистарски таблички.

Advertisement