Стојков: Клубот „Никола Вапцаров“ во Благоевград ќе биде отворен, ќе го поканиме и премиерот Ковачевски

Тоа е срамота и покажува на што сè се подложени Македонците во Бугарија, вели претседателот на ОМО “Илинден”-Пирин, Стојко Стојков за декларацијата со која Советот на Општина Благоевград го забрани отварањето на македонскиот клуб „Никола Вапцаров“, со образложение дека Благоевград нема да биде центар за слични пропагандни провокации и дека таму нема место за македонисти.

Овие луѓе во Советот на Благоевград ако самите не се Македонци, имаат роднини и пријатели кои се. Тие знаат дека има многу Македонци во Бугарија и во Благоевград. За да излезат со таква позиција, објаснување е само дека се создава атмосферата за страв и омраза против Македонците овде – вели Стојков за „Слободен печат“.

Клубот го отвора Македонското здружение за заштита на основните индивидуални човекови права, а тие, како што вели Стојков, за декларацијата на Општина Благоевград дознале од медиумите и сè уште не ја добиле одлуката.

Стојков вели и дека досега немале контакт со македонската влада во врска со отварањето на овој клуб, и покрај тоа што во април, кога се отвараше бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола, премиерот Димитар Ковачевски најави дека ќе има реципроцитет со Бугарија и дека есенва ќе се отвори македонски клуб во Благоевград. – За жал, нема ништо од македонската влада. Но, и тие ќе бидат поканети на отворањето – вели Стојков.

Advertisement