Страхувања од директен конфликт меѓу САД и Русија

Бродови на американската воена морнарица пловат кон Блискиот Исток поради зголемените тензии околу конфликтот во Сирија. До ова доаѓа по наводниот напад со хемиско оружје за кој Вашингтон ги обвинува Москва и Дамаск. Русија соопшти дека внимателно ги следи движењата на американската морнарица. Американскиот воен брод „Ерли Бурк“ исплови од Норфолк, Вирџинија. Тој, како што соопшти Пентагон, е дел од групата која е предводена од америкаснкиот носач на авиони „Хари С. Труман“ на пат за Блискиот Исток и Европа. Според некои наводи, тие би требало да пристигнат на нивните дестинации во почетокот на идниот месец.

Претходно, американскиот претседател Доналд Трамп ја предупреди Русија на директна воена акција во Сирија поради наводниот напад со отровни гасови. Неговите коментари предизвикаа страв од директен конфликт околу Сирија за првпат меѓу двете светски сили што ги поддржуваат спротивставените страни во седумгодишната граѓанска војна, што ја влоши нестабилноста на Блискиот Исток. „Русија вети дека ќе ги собори сите ракети истрелани врз Сирија. Подгответе се Русијо, бидејќи ќе дојдат убави, нови и паметни ракети“. напиша Трамп на Твитер.

Белата куќа соопшти дека претседателот Доналд Трамп не поставил временска рамка за акцијата и покрај неговата забелешка на Твитер. Портпаролката на Белата куќа Сара Сандерс рече дека Трамп имал неколку опции, не само воени. „Повторно, претседателот не постави временска рамка и се уште остава голем број други опции на масата, а ние се уште размислуваме многу за ова и конечната одлука не е донесена“. Сандерс додаде дека Трамп смета оти Русија и Сирија се одговорни за хемискиот напад и негираше дека неговите коментари на Твитер создале било каков проблем.

„Русија има одредена одговорност во фактот дека тие гарантираа дека Сирија повторно нема да употреби хемиско оружје, а тие го направија тоа“, рече Сандерс. Заменик-шефот на главната оперативна команда на рускиот Генералштаб, рускиот генерал-полковник Виктор Познихир, реагирајќи на предупредувањата на Трамп за непосредна воена акција во Сирија изјави:

„Наместо да зборува за подготвеноста на коалицијата да истрела проектили во Сирија, САД би можеле подобро да го обноват уништениот град Рака и да обезбедат широка помош за тамошното страдање“. Тој додаде дека руската војска внимателно ја следи ситуацијата околу Сирија и оти била е свесна за движењата на американската воена морнарица кон Заливот.

Advertisement