Деновиве, после повеќе од една година реставраторски активности, на голема радост на нашиот возљубен Старец, Архимандрит Партениј и на монашкото сестринство на Свети Георгиј Победоносец, најпосле е завршена обновата на манастирската стражарница во Рајчица, заедно со прекрасната чешма што се наоѓа пред влезот на манастирот. Ова е веќе втора реставрација на споменатиот објект, инаку некогашно егзархиско црковно училиште, кое било изградено во 1875 година и функционирало до 60-те години на минатиот век, бидејќи сѐ до тогаш селото било цело населено со жители Македонци со православна вероисповед. Но, за жал, поради неблагопријатните животни околности за време на балканските и Првата светска војна, како и поради процесот на миграција село-град после Втората светска војна, и во времето на комунистичкиот режим, дошло до тоа речиси сите жители од селото да се иселат, при што денес во него живеат само три православни фамилии.
Првичната реставрација на црковното училиште беше спроведена уште при самата возобнова на Манастирот во 2001 година, кога тоа беше украсено со нова фасада, прозорци и покрив. Тогаш беше и пренаменето во стражарница. При обновата целосно беше сочуван симболот што се наоѓа на предниот ѕид од објектот, кој останува автентично да сведочи за историските прилики на времето кога било подигнато училиштето. Имено, ова тогаш многу значајно егзархиско школо, било финансирано од Црквата и тоа во тешките години на османлиското владеење, поради што, покрај крстот како знак дека станува збор за православно црковно училиште, на симболот била поставена и месечина, во знак на благодарност што од страна на османлиските власти било дозволено да се изгради училиштето.