Светскиот Македонски Конгрес го честита 24 мај – Денот на семакедонските и сесловенските просветители солунските браќа Кирил и Методиј

 

Светскиот Македонски Конгрес (СМК) на сите Македонци во светот и во татковината им го честита 24 Мај – Денот на семакедонските и сесловенските просветители, Денот на семакедонската и сесловенската култура и писменост, Денот на солунските браќа Светите Рамноапостоли Кирил и Методиј Македонците.

Македонскиот јазик е македонскиот свет, границите на македонскиот јазик се границите на македонскиот свет, каде што е јазикот таму и татковината е со нас. И како што во свое време, зборувајќи за својата мисија, Светиот Рамоапостолен Кирил вели дека да се учи без азбука и без книги е исто како да се пишува беседа на вода, така и Македонците се вечно благодарни за мисијата на светите солунски браќа која ни овозможи нам и на сите народи на Истокот во Европа да го спознаат словото Божјо, сами да ја создаваат и пренесуваат својата култура и традиција, самите да ја запишат сопствената историја.

Македонците им благодарат на светите солунски браќа за описменувањето и образованието како основни универзални и европски вредности, како и на сите кои по нив го продолжија нивното дело. Писмени односно словени и од Бога благословени, со почит кон македонскиот јазик, писмо и култура, остануваме достојни на делото кое го продолжуваме во Македонија и од Охрид кон сите народи на Истокот во Европа. Нека е вечно нивното име и нека ни е за многу години Македонци, големиот државен празник посветен на солунските браќа Светите Рамноапостоли Кирил и Методиј Македонците.

Advertisement