Светскиот Македонски Конгрес организира академија за роденденот на Александар Трети Македонски

 

Во организација на Светскиот Македонски Конгрес, на 21.07.2019 година во Градот Скопје се одбележаа 2375 години од роденденот на Големиот Император Александар Трети Македонски. Чествувањето започна со Академија за Александар Трети Македонски во Матицата на иселениците од Македонија.

На Академијата за животот и делото на Големиот Цар Александар Трети Македонски зборуваа Тодор Петров претседател на Светскиот Македонски Конгрес и Паскал Камбуровски претседател на Одборот за животот и делото на Александар Трети Македонски при Светскиот Македонски Конгрес, Сободан Пренџов, Томче Ширков, Емилија Гелева и Дардан Венетски.

По одржувањето на Академијата, присутните се упатија до фонтаната со споменикот на Александар Трети Македонски на плоштадот Македонија, каде положија свежо цвеќе.

Чествувањето е востановено на 25. Генерално Собрание на Светскиот Македонски Конгрес, како неформален светски парламент на Македонците од сите делови на Македонија во целиот свет, одржано на 9 август 2015 година, со Резолуција за чествување на Александар Трети Македонски на 22 јули на денот на неговото раѓање.

Споменикот на Големиот Цар на Македонија, Александар Трети Македонски, на неговиот коњ Букефал, на постаментот во Фонтаната на плоштадот Македонија во Градот Скопје, поставен е на 21 јуни 2011 година. Автор на идејниот проект е Валентина Стевановска, а Споменикот и фонтаната се изградени со помош на Министерството за култура и Владата на Македонија.

На Академијата се иницира одржување научна трибина за животот и делото на Александар Трети Македонски, и да се преведат книгите на Николас Хамонд: “The Macedonian states, the origins, institutions and history“ (1999) и “The Genius of Alexander“ (1999) и книгата на Јуџин Борза “In the shadow of Olympus – the emergence of Macedonians“.

ЖИВОТ И ДЕЛО АЛЕКСАНДАР ТРЕТИ МАКЕДОНСКИ 356 – 323 Г.П.Н.Е.

Големиот Македонски Император Александар Трети Македонски, син на Големиот Цар Филип Втори Македонски и на Царицата Олимпија, ученик на Аристотел Македонецот, роден е на 22 јули 356 година пред новата ера, во Македонската престолнина Пела. Со неговите 33 години живот остави длабоки траги во историјата на човековата цивилизација. Со своите походи, на кои неговата војска за осум и пол години помина 18.000 километри, создаде Империја каква што до ден денешен не постоела во пространство, ниту пред него, ниту по него.

Големиот Цар Александар Трети Македонски, Крал на Македонија и Хегемон на Елините, Крал на Вавилон и Фараон на Египет, Цар на Персија и Крал на Ариевците, е најголемиот Император во светската историја!

Тој е единствениот војсководец на сите времиња, кој своите војски – непобедливите фаланги, ги подигна во невиден воено-научен истражувачки поход. Иако сакал да го открие почетокот на раѓањето на сонцето, а со тоа и почетокот на светот, секаде каде што поминал истражувал, проучувал, градел и носел напредок. На моменти со сила, на моменти со сесрдно прифаќање од оние кои сакале и успеале да погледнат подалеку во иднината.

Големиот Цар Александар Трети Македонски најмногу од се’ сакал да се одликува со севкупното знаење, а не со власта која му припаѓала. Со себе го донел најголемиот процут на науката, просветата, културата и слободоумната мисла. Иако неговиот живот траел околу 33 години, а неговото владеење помалку од 14 години, оставил огромно наследство во целиот прогресивен свет, поради што многу други светски императори го имитирале. Неговите воени стратегии и потфати и денес се темел на изучување на светската воена доктрина, неговите истражувања во сите науки се база на научната мисла воопшто, неговото сфаќање за духовната сила и моќта на самосвесноста на секој човек се основа за сите денешни религии, а најмногу од се’, неговиот поглед на микро и макро космосот е фундаментот на човечки подадената рака кон секој кој ја сака и почитува планетата Земја.

Следбеник на Херакле и Ахил во силата и храброста, поклоник на Зевс и Амон во верата и љубовта, жртвеник на Ад и Селена во издржливоста и истрајноста, веселник на Дионис и Баху во хармонијата на звукот, поет на Хомер во топлината на зборот, тој бил и ќе остане симбол на човековата возвишена светост.

Тој го отвори патот на новата цивилизација и од потопот остави само бледо сеќавање за она што значи неукост и дивјаштво, за да го одбележи почетокот на новото раѓање, на новиот милениум. Именуван да биде бранител на човековиот род пред нескротливата природа, до денес остана неповторлив патоказ за сите, свртени кон сонцето и храбри како лав, кои најмногу од се’ ја почитуваат вистината.

Упокоен е на 10 спроти 11 јуни 323 година пред новата ера, во Вавилон. Неговата гробница остана енигма до денес, повод е на бројни преданија и локации. Македонците веруваат дека Царот над царевите е погребан во границите на Републиката, како и неговиот татко Големиот Цар Филип Втори Македонски. Божја волја е кога некрополите ќе бидат обелоденети и отворени, светот да ја виде вистината за Македонците и за Македонија!

Паскал КАМБУРОВСКИ

НЕЈГОЛЕМИТЕ ИСТРАЖУВАЧИ НА МАКЕДОНСКАТА ИСТОРИЈА

Како Хамонд, така и Борза, поголемиот дел од својата научна дејност му ја посветија на истражувањето на историјата на античка Македонија. Двајцата беа опседнати со феноменот наречен Македонија. Впрочем, Македонија, во научниот свет со години е сметана за академски еквивалент на фронт за расправи. Според мислењето на научниците, Хамонд и Борза најсеопфатно ја анализираа историјата на древно-македонската држава. Секој на свој начин, според свое убедување, се обидоа да дадат одговор на прашањата за потеклото на Македонците, нивната држава, за обичаите и традициите, како и за нивниот придонес во светската историја. И двајцата се согласија дека Македонците како народ успеаја да достигнат врвна историска големина и со својот интелект да ги надминат сите тогашни народи.

Николас Хамонд (Nicholas Hammond) уште како младо монче ја имал првата средба со Македонија, кога во далечната 1929 година приватно го посетил сливот на реката Бистрица (Алајкмон). Подоцна, во време на Втората светска војна, престојувал во Македонија во својство на англиски офицер за врски во редовите на народно-ослободителната војска на Грција – ЕЛАС. Тој бил фасциниран од Македонија. По војната дипломирал историја на Колеџот за историски науки во Кембриџ. Тоа бил почеток на неговиот творечки подем за изучување на историјата на Македонија. Напишал повеќе од 150 научни трудови и осум книжевни дела, меѓу кои најважни се: “The Macedonian states, the origins, institutions and history“ (1999) и “The Genius of Alexander“ (1999). За жал, ниту една од неговите книги кои му донесоа светско признание не е преведена на Македонски јазик.

Од друга страна, пак, Грците покажаа поголем интерес за овој светски реномиран научник и му понудија катедра на Атинскиот универзитет. Како помошници во истражувањата на древно-македонската историја му биле доделени најпознатите грчки научници, професорите: Mitiliades Hadzopulos, Manolis Andronikos, Dimitris Pantermalis, Fotios Petsas, Andreas Vavricas, Maria Siganidu, Haido Hrisantaki, Ekaterina Despina и други.

Не е тешко да се претпостави во колкава мера дојде до израз влијанието на оваа плејада грчки научници врз пишувањето на Хамонд. Но, Хамонд ги разочарал грчките пријатели уште не почетокот кога во воведот на својата книга “The Macedonian states, the origins, institutions and history“ го напишал следното: “Истражувањето на историјата на Македонија ми овозможи да воспоставам блиски и пријателски односи, не само со грчките научници, туку и со Македонците во градовите и селата. Тие се прекрасни луѓе. Им благодарам за гостопримството кое ми беше укажано во време на антифашистичката војна, кога како британски офицер престојував на нивната земја. Се надевам дека мојата книга во нив ќе побуди чувство за нивното големо минато.“ Но, ова не е се’. Во заглавјето: “Македонците и нивното Царство во очите на Грците“, тој напишал: “Аристотел, роден во Стагира, во служба на македонскиот царски двор, ги вброил Македонците во негрчките народи, а нивното Царство во негрчките институции. Не е ништо зачудувачко дека Македонците се сметале за различни од Грците и така биле третирани од Александар. Тие со тоа се гордееја.“

По искажувањето на такви и слични мислења, Хамонд ја изгубил довербата на Грците, но затоа се здобил со реноме како врвен познавач на древно-македонската историја. Умрел во 2002 година сосема непознат и заборавен од Македонија, чија историја ја истражувал цел живот.

Јуџин Борза (Eugen Borza) по потекло е Американец. Тој е универзитетски професор во пензија. Некои тврдат дека неговите претци се Евреи од Македонија. Во светската научна јавност Борза се смета за најголем авторитет во однос на македонската историја. Тој е автор на четири книги и на безброј научни статии и студии кои се однесуваат на античка Македонија. Неговото најпознато дело, кое стекнало светско признание е книгата “In the shadow of Olympus – the emergence of Macedonians“.

Со своите пишувања и изјави во врска со античките Македонци, Борза секогаш се држи на реално стекнато мислење и никогаш не потклекнува под влијание и притисоци однадвор. Познати се неговите изјави во врска со македонско-грчките односи во атничко време: “Ниту Грците ги сметале Македонците за Грци, ниту Македонците се сметале за Грци!“ “Македонците се истакнале не како грчко племе или некој друг балкански народ, туку како Македонци!“ “Фактите говорат дека Македонскиот јазик бил различен од обичниот антички грчки јазик.“

Познати се и изјавите на Борза во врска со филмот на Оливер Стоун “Александар“, кој го искажал на преполнетиот “Star Auditorium“ во Franclin & Marshall Колеџот: “За да се направи добар филм, режисерот мора да го разбере субјектот. Тоа не е лесно кога субјектот е легенда. Стоун не го разбира Александар но, исто така, и историчарите не го разбираат. Критичарите се жалат дека на филмот му недостасуваат кохерентност и визија. Грешката можеби не е во Стоун. Ние знаеме што направил Акександар, но ние не знаеме како и зошто го направил тоа. Некои историчари и Стоун се расправаат дека целта на Александар беше да ја прошири грчката култура, таканаречената хеленизација на античкиот свет. Тоа никогаш не било цел на Александар!“

Според Борза, античка Македонија – денешна северна Грција и Mакедонија – треба да се изучува како посебна нација од античка Грција. Борза, за разлика од Хамонд, иако е врвен познавач на македонската историја, ниту еднаш одблизу не ја видел сегашна Македонија. Познато е дека недвосмислено ги разбил грчките илузии, дека се’ што е античко е грчко.

Во Република Македонија многу малку се знае за Хамонд и за Борза. Дали ќе се случи Македонија да му понуди гостопримство на Борза со највисоки почести, како човек кој ја шири вистината пред светот за древно-македонската историја, на човек кој македонската историја му е животна преокупација.

Advertisement