Светскиот Македонски Конгрес упати поздравна честитка по повод 6 мај денот на Македонско-Горанската заедница на Косово

 

Светскиот Македонски Конгрес (СМК) Сојузот на Македонците со исламска религија (СМИР) и Горанското друштво (ГД) упатија поздравна честитка по повод 6. Мај – Денот на Македонско-Горанската заедница на Косово. СМК, СМИР и ГД посакуваат унапредување на положбата и правата на Македонско-Горанската заедница на Косово, како етнички Македонци. СМК, СМИР и ГД очекуваат Владата на Косово да ја поддржи Македонско-Горанската заедница на Косово во целосната интеграција на косовската држава и општество.

СМК, СМИР и ГД се надеваат дека Владата на Косово ќе покаже доблест во почитувањето на правата и слободите на Гораните како етнички Македонци, да бидат еднакви со еднаквите и рамноправни со рамноправните, што претставува показател на меѓуетничката и меѓуверската хармонија, како и на мултикултурализмот во Косово.

СМК, СМИР и ГД апелираат до Владата на Македонија да ја зајакне соработката со Македонско-Горанската заедница на Косово, а во рамките на македонско-косовската соработка, да ја помогне Македонско-Горанската заедница на Косово во реализацијата на неколку проекти: културна автономија на Македонско-Горанската заедница на Косово, добивање на двојно државјанство – косовско и македонско за Гораните на Косово, прогласување на областа Гора за Евро-зона на тромеѓата Албанија-Косово-Македонија на Шар планина, унапредување на статусот на граничниот премин Стрезимир-Рестелица во меѓуграничен премин со 24 часовна употреба во текот на целата година и употреба на македонскиот мајчин јазик како наставен и службен јазик во областите Гора и Призренска Жупа и на Косово во целина.

Областа Гора се наоѓа на тромеѓата Косово, Албанија и Македонија. Населена е со автохтони етнички Македонци од исламска вероисповед, познати како Горани или Горанци. Гора зафаќа 370 км2, со надморска височина од 1.000 м до 1.300 м. Во Гора, после Титов Врв на Шар Планина, се наоѓа највисокиот врв Трпежница со 2.160 м.

Во областа Гора живеат околу 40.000 Македонци од исламска вероисповед во 19 села на Косово (Рестелица, Глобочица, Крушево, Зли Поток, Брод, Бачка, Млике, Враништа, Орчуша, Мал Крстец, Голем Крстец, Диканце, Љубоиште, Лештане, Горна Радеша, Долна Радеша, Кукаљане, Горна Рапча, Долна Рапча, со општински центар во Драгаш), 2 села во Македонија (Урвич и Јеловјане) и 9 села во Албанија (Очикље, Запот, Кошариште, Пакиша, Оргоста, Црнољево, Орешек, Борје, Шиштеец, со општински центар во градот Кукс). Областа Гора е богат крај со води и пасишта, но недоволно економски развиен и неискористен.

Од 1990 година во Гора живееле околу 16.000 Горани, со војната на Косово иселени се околу 4.000 Горани и нивниот број денес изнесува околу 12.000. Меѓутоа од 1945 до 1990 година од Гора иселени се два до трипати повеќе Горани отколку што денес живеат на Косово, како печалбари, на сите меридијани на земјината топка. До 1990 година наставата се изведува на српски јазик, но поради домицилните наставници, таа се изведува на горански дијалект на македонскиот јазик.

Етнички Македонци со исламска вероисповед живеат и во областа Призренска Жупа. Нив УНМИК ги именува како “муслимански словени“. Во Преизренска Жупа денес живеат околу 35.000 Македонци во следните места: Локвица, Јабланица, Грнчаре, Небрегоште, Горна Љубиња, Речане (мешана населба со Македонци, Албанци и Срби), Плањане, Љубижда, Манастирица, Скоробиште (мешана населба со Македонци и Албанци), Горно Село и Мушниково (каде процесот на албанизација е речиси завршен). Наставата во овие села до 1999 се изведувала на српски јазик, а од 1999 година населението конвертира со барање за настава на децата на бошњачки и албански јазик од познати причини.

Во три села од нив, населението целосно конвертира со барање за настава на своите деца на албански јазик, бидејќи целосно се опкружени со Албанци. Само во Призрен има околу 10.000 Македонци од областа Гора и Призренска Жупа. Во Ораховец живеат околу 1.200 Македонци, во Исток живеат околу 1.000, во Пеќ околу 1.500-1.700, во Витомирица околу 2.500, во Приштина околу 1.600-1.800 а пред војната дури 3.500-4.000, во Косовска Митровица околу 1.750 Македонци, во Гнилање живеат околу 100, како и околу 120 Горани во Косовска Митровица.

Advertisement