Светскиот Македонски Конгрес упатува честитки до сите Македонци по повод 5 Мај – Денот на Македонскиот јазик

Светскиот Македонски Конгрес (СМК) упатува искрени честитки до сите Македонци по род и државјанство, од сите делови на Македонија, во татковината и светот, до сите македонисти, до пријателите на Македонија и Македонскиот народ, по повод 5 Мај – Денот на Македонскиот јазик!

СМК потсетува дека 5 мај се одбележува како Ден на Македонскиот јазик прогласен со одлука на Владата донесена на седницата одржана на 16 април 2019 година (“Службен весник на Република Македонија“ број 81/2019), а во чест на Решението на Народната влада на Федерална Македонија од 3 мај 1945 година за усвојување на азбуката на Македонскиот јазик како официјално писмо и озаконувањето на првиот правопис за стандардизација на Македонскиот јазик, објавено на 5 мај 1945 година во весникот “Нова Македонија“ како Службен весник на државата Македонија!

Процесот на прокламирањето на азбуката на Македонскиот јазик продолжува со Граматиката на Македонскиот литературен јазик, првиот и вториот дел во 1952 и во 1953 година, и издавањето на тритомниот Речник на Македонскиот јазик од 1961 до 1966 година под раководство на академик Блаже Конески.

Денот на Македонскиот јазик го одбележува Институтот за Македонски јазик “Крсте Петков Мисирков“ во рамки на традиционалната манифестација “Денови на Благоја Корубин“ и со посета на родната куќа на академик Блаже Конески во Небрегово.

СМК потсетува дека Македонскиот јазик за официјален државен јазик во државата Македонија е прогласен со Решение на Првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ) одржано на 2 август 1944 година. Македонската азбука е усвоена на 3 мај 1945 година, а Македонскиот правопис е усвоен на 7 јуни 1945 година, со што се стандардизира Македонскиот јазик како службен и државен јазик на државата Македонија!

СМК изразува почит кон д-р Крсте Петков Мисирков кој во 1903 година ја извршил првата стандардизација на Македонскиот јазик, овозможена со последната возобновена Македонска држава на Првото заседание на АСНОМ одржано на 2 август 1944 година во Македонскиот манатстир “Свети отец Прохор Пчињски“.

СМК упатува честитки до Институтот за Македонски јазик “Крсте Петков Мисирков“ по повод 5 Мај – Денот на Македонскот јазик, за електронската објава на десет книги за афирмација, негување и проучување на Македонскиот стандарден јазик: (1) “За Македонскиот јазик“, книга 11 посебно издание на Институтот за Македонски јазик “Крсте Петков Мисирков“, објавена во 1978 година под редакција на Тодор Димитровски, Блаже Конески и Трајко Стаматоски; (2) Осумте зборници, почнувајќи од книга 2, од едицијата “Денови на Благоја Корубин“, основач и главен редактор Снежана Велковска; и (3) Фототипското издание на “Речникот на презимињата кај Македонците“, во два тома од 1994 и 2001 годин,) од авторите Марија Коробар-Белчева, Олга Иванова, Маринко Митков и Трајко Стаматоски, а под редакција на Трајко Стаматоски кому на овој начин Институтот за Македонски јазик “Крсте Петков Мисирков“ му го одбележува 95. роденден.

Од Институтот за Македонски јазик “Крсте Петков Мисирков“ потсетуваат дека електронското издание на “Правописот на македонскиот јазик“ е подарок до народот од Владата, од Институтот, од НУБ и од авторите.

СМК посакува остварување на проектот на директорката на Институтот за Македонски јазик “Крсте Петков Мисирков“, проф. д-р Елена Јованова-Грујовска, за дигитализација и електронско издание на 4.200 страници од “Толковниот речник на Македонскиот јазик“ заради достапност за народот и светот!

Денес во светот постојат повеќе од 6.500 јазици. Само неколку стотини од нив се издигнале на ниво на службен јазик на еден народ во една држава, а јазикот на Македонците е еден од избраните!

СМК потсетува дека уште во деветтиот век Светите солунски браќа Кирил и Методиј – Македонците, со помош на глаголицата како оригинално писмо ги превеле црковните книги на јазикот на Македонците од околината на градот Солун – во науката познат како старословенски и старомакедонски. Со благослов на Папата, овој јазик станува четвртиот признат јазик во светот достоен за Библијата и за Бога! Подоцна, постапно, кирилицата го зазема своето место во писмената традиција на Македонскиот народ и државата Македонија.

Македонската азбука е официјално и единствено писмо на Македонскиот јазик! На Македонски јазик со Македонската азбука се напишани и објавени илјадници книги што се читаат од Македонците и од припадниците на другите нации во Македонија и во светот.

СМК упатува целосна поддршка на Институтот за Македонски јазик “Крсте Петков Мисирков“ кој веќе седма деценија преку работа на своите проекти, постдипломските и докторските студии, како и преку објавените дела: (1) го афирмира, негува и проучува на Македонскиот стандарден јазик; (2) ја промовира и ја потврдува Македонската азбука, како и основните принципи за фонетскиот правопис, за застапеност на граматичките форми и “живите наставки“ од централните говори и збогатувањето на речникот од сите дијалекти; (3) придонесе за успешна борба против неписменоста, за квалитетно образование, за поквалитетен живот на граѓаните, за промовирање на културната разновидност на Македонците; и (4) ја зачува традицијата од нашите претци.

За споменување се зборовите на кодификаторот на Македонскиот јазик, афирматор на Македонската азбука, правопис и речник, академик Блаже Конески, со пораката “Јазикот е нашата единствена неподелена татковина“! Амин!