Тиквешани во потрага по корените во Горица, Мала Преспа

Веќе петта година по ред, луѓе кои сега живеат во Тиквешијата организирано заминуваат во Долна Горица, Мала Преспа, во потрага по своите корени. Имено, нивните претци, жители со македонско потекло, како последици на бегалска криза, биле принудени да ги напуштат своите домови и да се населат во неколкуте општини во Тиквешко. Осумдесет и шест години по таа преселба, по трет пат бев сведок на една таква трогателна средба на неколкумина мажи и жени, со родниот крај на нивните дедовци и баби.

Парите се отепувачка

Меѓу нив беше и 70 годишниот Илија Велјанов од кавадаречкото село Сопот.

Моите родители потекнуваат од Горна Горица. Во 1933 година пребегале во тогашното СХС кралство. Целата рода на едната моја баба, останала во Албанија. Таа почина во 1971 година. Таа со години не можеше да се врати на родното ониште и да си ги види своите блиски роднини, поради системот на Енвер Оџа. Освен една тајна средба на диво крај границата и во страв, а за да ја оствари морала со часови да пешачи пеш од Кавадарци, заедно со неколку други жени. Желбата повторно, макар и од далеку да се види родниот крај, била посилна од стравот дека нешто лошо може да се случи. Во тоа време поради Информбирото, целосно била затворена границата, ми опиша Велјанов.

Првичните корени на претците на моите пријатели биле пуштени, а потоа длабоко и цврсто сраснати во варовитиот супстрат на подножјето на карбонатната и шумовита Галичица, меѓу нејзините врвови и синилото на Преспанското Езеро. Таму уште пред многу векови потоеле две села, со најидилично име Горица, Горна и Долна.

Семејствата биле големи, многудетни. Наталитетот бил многу голем. Егзистенцијата се остварувала во големи заедници. Моите претци се занимавале со ѕидарство, сточарство, малку земјоделство. Правеле јаглен од дрво и го продавале во Корча на терзии, кројачи, за пегли на жар. Имало тогаш развиено занаетчиство. Живееле во скромни живеалишта. Куќи од плитари, дрвени столбови и гранки со кал намачкани и толку. Имало една или две поголеми простории. Кога биле две, во едната била сместена стоката. Крупен добиток, волови и коњи. А луѓето, луѓето спиеле сите заедно, на рогозина послана на земјата. По неколку сопружници заедно, сосе деца. Мизерен живот бил тоа. Биле навикнати на голема скромност. Да има за храна да се купи, да се помини денот, се сеќаваше тој на вистинските приказни кои неговите баби и дедовци му ги раскажувале додека им седел во скутот како мало дете.

Малкумина биле тие кои оделе печалбари во Америка. Преку грчки пристаништа заминувале и најтешките работи ги работеле.

Мојот дедо по мајка седум години бил на печалба на американска територија. Вредно работел, а имал среќа што му се погодиле чесни газди. На крај, кога сакал да си иди побарал да му исплатат во злато. Многу злато донел во тагарчик, тоа е ранец од овчка или козја кожа. Дома ја нашол баба ми легната на рогозината, болна од тифус. Го истурил сето злато на софрата. Правел планови за иднината. Плевната му била непокриена па отишол в планина да исече ќересте, дрва или трупци за покривање. Арно ама големо невреме го фатило, а тој изнемоштен од долгото патување, фатил силна прелада та починал. Слично на судбината од Парите се отепувачка, така и дедо ми не видел аир од парите што крваво ги печалел далеку од семејството. И како во онаа народната, не за кого е речено, туку за кого е печено, неговите пари наместо синовите, ги трошел и тоа без усул, негов внук од брат. Па како што велат дека лесно се трошат туќите пари и туѓата мака, така и непрокопсаниот внук демек правел трговија во Корча, ама повеќе бил во зијан одошто во печалба, а се расфрлал и со пари по кафани и зурли, трошел и лумпувал. Свекрвата на баба ми успеала да засолне троа од парите за семејството на синот кој ја оставил младоста во Америка, со многу емоции раскажуваше мојот соговорник.

Албанија, Америка, Сопот, се дел и од животната приказна на кавадарчанката Снежана Ванчокова, која сега живее во Неготино.

Мајка ми потекнува од Мала Преспа, Албанија. баба ми и дедо ми на времето пребегале во Сопот со две ќерки, подоцна се родиле мајка ми и плус уште две сестри, вкупно пет женски деца. Едно време дедо заминал на печалба во Америка, а ја оставил баба со децата. Се изнамачил многу, донел и многу злато, но имал и многу проблеми со него. Како во онаа народната, не е ниту да немаш, ниту да имаш, му го испокрадиле златото. Мајка ми отсекогаш имаше желба да го посети местото од кое влечиме корени, но таа желба не и се исполни никогаш. Умре, без да види од каде тоа потекнува. Ми остави аманет, барем јас да го сторам тоа, да стапнам на земјата од која нејзините морале да заминат со торбињата на рамото како на оваа слика насликана на споменикот, емотивно раскажуваше и 50 годишната жена.

Дванаесет години по смртта на нејзината мајка, таа го исполни нејзиниот аманет и ја помина македонско албанската граница, ја посети Мала Преспа, во која има многу роднини. И рече дека повторно ќе дојде….

Споменикот во Долна Горица е моќен раскажувач на трагичната судбина

Од 1925 година, кога било извршено разграничувањето на Албанија во чии граници била вклучена и Мала Преспа, започнале маките и секојдневните страдања на жителите на Горица.

Самонаречениот бег Малик Каплани, поддржан од власта на неговиот роднина кралот Зогу, ги добил сите судски спорови со горичаните и целосно ги осиромашил, дотерувајќи ги до просјачки стап. Излезот од состојбата тие го побарале и пронашле во иницијативата за преселување на целото село во Кралството Југославија, што уследило по долги и многу трајни преговори со југословенскиот конзул во Корча.

Во март 1933 година, бегот со силна поддршка од власта во Тирана, со четириесетина џандари ги избркал горичаните од своите домови и ги принудил четириесет дена да живеат на отворен простор и во скромните домови на жителите од соседното Туминец, надевајќи се дека ќе ги натера да ги прифатат неговите услови и ќе се вратат во селото. Наместо тоа, на први мај истата година тие изгладнети, сосема осиромашени, со скромно домаќинство на рамо, ја поминале границата кај селото Стење.

Со огромна тага, јад и солзи за последен пат го слушнале биењето на камбаната и засекогаш се простиле од своите домови, имот, од гробовите на своите најблиски и спомените и заминале во нјголемата неизвесност. Надежта за подобар живот се срушила кога биле донесени во Метохија, како крајна дестинација. Тука поминале една цела година пред вратите на српските власти. Некогаш молејќи понизно и со плачење, некогаш дрско и насилнички, не оставајќи ни најмало чувство на колебливост во барањето, или да ги однесат на друго место, или да ги вратат назад во Албанија.

Најпосле очајот се претворил во триумф и биле донесени во Вардарска Бановина во тиквешките села Сопот, Пепелиште, Прждево и битолско Трап. Така измачените Горичани го нашле својот мир, ги разгореле своите огништа и насилно искорнатите корени одново нашле поволно тло за повторно вкоренување. На своите наследници им раскажувале за родниот крај и им оставиле аманет, никогаш да не ги заборават нивните страдања, а на своите потомци да им всадат љубов кон своите корени.

Споменикот во Долна Горица е моќен раскажувач на таа трагична судбина.

Воспоставивме одлични односи со претставниците од општината Пустец и жителите на Мала Преспа. Ним им сме многу благодарни што на училиштето во ова село му го дале името „Отпорот на Горичаните” и што се избориле по предметот историја еден час во сите шести оделенија во Албанија, да се учи за настанот во Горица. На директните потомци на бегалците од Горица веќе им побелеа косите, многумина не се повеќе на овој свет. Тие што се сеуште живи, како и нивните претци, искрено очекуваат и се надеваат дека потомците нема да дозволат да згаснат спомените, ами ќе ги негуваат со многу љубов. Да не се замати сјајот на непокорот на намачените Горичани и да не се исушат корените кои цврсто ги држат моќните семејни стебла низ патиштата на времето и просторот, кажа Миле Грозданов, организатор на патувањето.

“Ќе се првртувам во гробот од тага по сестричките” Велјанов ми кажа дека неговата баба била триесет години кога ја напуштила Албанија. Мајка му тогаш била дете на околу седум години. Баба му починала на 68 години, цели 38 години не стапнала во местото во кое се родила. А толку многу сакала, толку многу копнеела барем за последен пат под нозете да ја почувствува земјата која ја газела како дете и девојка, млада жена.

Се сеќавам, многу тагуваше. Жалеше често, велеше, сакам да ги видам сестричките како се, дали се мачат како мене, па да умрам. Плачеше, ме болат и душата и срцето што не можам да ги видам. Ќе се превртувам во гробот од тага што не можам да ги видам, така велеше. Но, такви беа времињата, Албанија беше затворена земја и не можеше туку така да се мине границата. Остави аманет барем ние да одиме во потрага по нашите корени. А јас, јас уште од дамнина имав желба да ѕирнам макар од границата, за да видам што има од другата страна. Некаде во 1967 година бевме млади, по дваесетина години, дојдовме до блиску до царинарницата. На една ливада, демек топка ќе играме. Топката ни пребега и се стрча албански милиционер ја фати топката. Имаше и албански војници, дрвена кула како набљудувачница. Најзатворена беше таа граница. Чиниш, ни пиле не можеше да прелета. Само оддалеку ја гледавме земјата од која ги влечеме корените, ја сподели Велјанов сопствената животна приказна.

За тоа колку бил суров тогашниот живот отаде границата, говореше и случката која ни ја раскажа за едно младо овчарче, внук на неговата баба. Заминало со торбичето храна да паси овци. Кога се вратило, мајка му веќе била почината и закопана, никој не му јавил за тоа. Човечкиот живот имал толку мала вредност. Затоа момчето одлучило да пребе. Затоа момчето одлучило да пребега надвор од границите. А за казна пак, сите негови роднини биле разместувани низ разни делови на Албанија, живееле во маки и изолација. Огорчени, на присилна работа, далеку од местото за кое копнееле.

Килограм бразилско грозје пет евра

На македонско албанската граница ми кажаа дека секојдневно овде поминуваат луѓе од најблиските места од двете страни на границата, кои одат на работа. Од Македонија во Албанија и обратно. Инаку, останати Македонци главно ја минуваат границата за викенд. Видовме неколку стада овци и кози по патот. Видовме и како во Албанија на одделни места сеуште се ора со магариња, жените ги држат за оглав, а мажите го регулираат ралото со кое се ора.

Бора Александров од кавадаречкото село Марена Во Мала Преспа беше дојден туристички. Извонредно се држи за своите 81 година, а бидејќи светот го прошетал како мајстор градежник, додека патувавме низ Албанија, се чини дека најмногу обрнуваше внимание на тоа како се реализирани кровните конструкции на околните објекти. Се пофали дека еден негов предок живеел дури 125 години, па изрази надеж дека и тој ќе биде долговечен. Ако не толку, барем до стотка. За разлика од него, Ќиро Мојсов кој исто така беше во екипата туристички, најмногу коментираше заедно со уште неколкумина други, околу тоа колку и како се искроени јаболката во реонот на Преспа, наспроти лозјата во Тиквешко, како најголем лозаровинарски регион во нашата држава.

А, кој за што, тиквешани за грозје, вино и ракија. Тиквешани не се тиквешани ако на пазарот во Корча не ги проверат тамошните цени за ваквите производи. Така видовме дека литар ракија се нудеше за четири, а килограм бразилско црно грозје, за едно евро повеќе. И тоа не е се. Бевме сведоци на извонредно вкусни кашкавали, сирења и други млечни производи чиј мирис останува да се памти, а покрај нив, “маја” за производство на млечни производи, од македонско потекло./www.mia.mk/Светлана Дарудова

 

Advertisement