Турција: И црквата „Христос Спасителот“ станува џамија

Турска влада донела одлука и истанбулскиот манастир Хора (на турски-Карие) да го претвори во џамија, соопшти грчката телевизија ЕРТ. Одлуката била објавена во Службениот весник на Турција.

Хора е еден од најпознатите византиски споменици од ерата на императорите Комнени и е познат по своите фрески. Во него се наоѓа и познатата црква „Христос Спасителот“. Тој ќе биде вториот христијански храм претворен во џамија, по катедралата „Св. Софија“. Манастирот ќе биде предаден на Дирекцијата за религиозни прашања за да може да го претвори во муслимански храм.

Манастирот е изграден во 534 година и е еден од најстарите историски споменици во Истанбул. Објектот бил претворен во џамија во 1511 година по преземањето на Константинопол од страна на османлиите и како таква функционирала до 1945 година, кога со одлука на турската влада е претворен во музеј.

Врховниот административен суд на Турција во 2019 година донесе одлука одново да го претвори во џамија, прогласувајќи ја одлуката од 1945 година за незаконска. Меѓутоа, судската одлука не беше исполнета досега, зашто не беше издаден претседателски указ.

Според оценките на политолозите, ова ќе биде уште еден чекор во контекст на ревизионистичката османлиска стратегија кон која се придржува Турција, смета ЕРТ.