Вардар го елиминира Фенербахче се пласман во Лига Европа

Вардар во голем стил со уште една победа го елиминира Фенербахче. Ден кој со златни букви ќе биде запишан во македонската фудбалска историја, „црвено-црните“ се првиот наш тим кој ќе игра во групната фаза од едно големо европско натпреварување. Пред Вардар е европска есен која ниту еден македонски клуб не ја доживеал досега, нашата земја конечно ќе има тим кој ќе игра во групната фаза од едно големо европско натпреварување. Вардар испиша историја, го победи Фенербахче и во Истанбул, овој пат со 2-1 и со вкупни 4-1 го елиминираше силниот противник па утре ќе се најде во ждрепката за групната фаза од Лига Европа.
Вардар се одлучи за дефанзивна игра, момците на Јаневски со многу пожртвуваност и дисциполнирана игра му се спротивставуваа на противникот.  Најдобрата шанса во првото полувреме ја имаше Барсегјан во 41. минута кога по убаво додавање од Хамбарѕумјан се најде во фантастична можност, биеше но ја погоди стативата од голот на Камени. Во второто полувреме Фенербахче тргна уште посилно кон голот на Вардар, во 53. минута Туфан од идеална позиција биеше со глава но Гачевски беше на вистинското место.
Но само седум минути подоцна Вардар ги замолкна трибините, Џигаури се најде во одлична позиција и со доза на среќа ја протна топката во мрежата на Камени за израмнување на 1-1, голем гол за Вардар!. Во 71. Вардар можеше да поведе, Барсегјан повторно се најде во одлична можност, шутираше но овој пат пречката беше сојузник на Камени. По постигнатиот гол на Вардар, падна мотивацијата кај фудбалерите на Фенербахче, тие се уште се обидуваа да постигнат гол, но македонскиот тим од контра напади делуваше поопасно. Вардар имаше фантастични шанси преку Барсегјан, Фелипе, Спировски, но Камени одбрани неколку опасни шутеви од вардаровите фудбалери. Во последните моменти од мечот по асистенција од Барсегјан, Николов постигнува гол за победа на Вардар од 2-1!