Васил Јанкула, лице со церебрална парализа со трицикл тргна во обиколка на Македонија

Васил Јанкула роден во 1991 година во селото Туминец, Мала Преспа, лице со церебрална парализа денеска започна голем подвиг. Имено тој со трицикл реши да ја обиколи државата. Според Јанкула се одлучил на овој подвиг со цел да помогне во подигнување на свеста кај лицата со посебни потреби. Тој е категоричен дека тие не треба да седат дома, туку да бидат упорни и да си ги остваруваат своите желби и цели.

„Сакам да упатам апел до сите лица со хендикеп да бидат силни и храбри и да не се откажуваат на пола пат. Она што ќе замислат и да го направат“, вели Јанкула.

Јанкула тргна, но упати апел до учесниците во сообраќајот да внимаваат додека возат и да не му го попречуваат патот  него и на неговата експедиција.

Експедицијата на Јанкула тргна од центарот на Ресен, предвидено е да помине околу 900 километри со трицикл,  по што ќе продолжи преку Битола, Прилеп, Градско, Велес, Скопје, Тетово, Гостивар, Маврово, Дебар, Струга, Охрид и преку Галичица ќе се врати во Ресен.

Јанкула, кој е роден со церебрална парализа, вози автомобил, но се пожали дека неможе да добие лекарско уверение за да полага возачки испит. Желба на Јанкула е кога  ќе стигне во Скопје, да се сретне со премиерот и останати владини претставници, каде ќе може да ги изнесе проблемите со кои се соочува тој, но и останатиоте лица со попреченост.