Владата на Албанија по преговори со Македонија го менува проектот Коридорот 8, додава тунел од 3 километри

Владата на Република Албанија го промени проектот на патот Елбасан – Ќафасан, кој е дел од Коридорот 8, додавајќи изградба на уште еден тунел долг 3 километри.

Министерката за инфраструктура и енергетика на Република Албанија Белинда Балуку изјавилa дека ова решение е постигнато по преговори меѓу владите на Албанија и Македонија, односно одговорните министерства за инфраструктура.

Ова е важен дел од 8-тиот коридор, кој започнува од селото Лабинот (Елбасан) и продолжува во должина од 44 километри по пат со сите параметри на модерен автопат во однос на безбедносните услови и продолжува до кај Ќафасан. По интензивен разговор со владата на Македонија, решивме да ја смениме излезната точка, бидејќи изградбата на Коридорот 8 е веќе подолго време започната од страаа на Македонија. По преговори со двете министерствата дојдовме до резултат дека е подобро да има поблиска излезна точка на албанска територија која ќе се решава преку тунел од 3 километри, изјавила Балуку.

Заменик-министерот за транспорт и врски на Македонија, Берким Реџепи, вели дека по консултациите меѓу двете министерства вклучени во градежниот проект на Коридорот 8, како и консултациите со претпријатијата за државни патишта, договорено е проектот да претрпи измени во делот на Албанија, поточно да се додаде тунел од 3 километри.

По интензивни разговори меѓу надлежните органи на двете земји, одлучено е да се смени излезната точка на Коридорот 8 во делот на Албанија. По консултации, договоривме излезна точка на територијата на Албанија да биде преку тунел долг 3 километри, изјави заменик министерот Реџепи.

Транснационалната транспортна оска Исток-Запад (Коридор 8) се протега од пристаништето Бари во Италија до пристаништата Варна и Бургас во Бугарија. Централниот дел на овој паневропски коридор долг 315 километри минува низ Македонија, односно Кичево, Скопје, Куманово, Бељаковце и Крива Паланка. Меѓутоа, врските недостасуваат на западниот крај (од Кичево до границата со Албанија) и на источниот крај (од Куманово до границата со Бугарија).

Коридорите 8 и 10д, се досега најголемиот инфраструктурен проект во Македонија. Со реализацијата на овој проект, предвидена е изградба на четири автопатски делници, во вкупна должина од околу 110 километри. Изградбата на овие два коридори, според Владата, значи поврзување на државата со другите земји од Европа, пораст на странски инвестиции, економски развој на земјата, побрз трансфер на луѓе и стока, развиен туризам и пред сè безбедни и сигурни патишта за граѓаните.

Advertisement