Во Албанија 548 заразени од „Ковид-19“, 302 излекувани, 26 починати, тестирани 5311

Во Албанија, со ново дијагностицираните девет лица со коронавирус, во последното деноноќие, бројот на заразените се зголеми на 548 лица, информираше Мира Ракацоли, заменик министерка за здравство и социјална заштита. Од ново заразените пет се од градот Курбин, вработени во погон за производство на чевли, поради што погонот е затворен а 250 вработени се во домашна изолација. Од појавата на новиот опасен вирус тестирани се 5.311 сомнителни случаи при што позитивен резултат има кај 548 или околу 10 отсто од вкупниот број тестирани. Оваа бројка според епидемилозите е потврда за добра контрола на епидемијата и за една задоволителна бројка на тестови за да се оцени ситуацијата,- рече Ракацоли.

Според неа во последните 24 часа 19 пациенти се додадени на списокот на оздравени,со што вкупната бројка на оздравени изнесува 302 лица. Моментно во нашата земја има 220 активни заразени лица и како што може да се види, бројот на оздравени е поголем, а овој тренд продолжува веќе 7 дена. За жал до сега 26 пациенти ја изгубија битката со болеста, и покрај напорите на медицинскиот персонал, додаде Ракацоли. Информираше дека во Инфективната клиника и во болницата „Шефќет Ндроќи“ на лекување се 43 пациенти, од нив 11 се на интензивна нега и се во тешка состојба, додека четворица се интубирани.

Advertisement