
Во делот на Преспа кој се наоѓа во Република Албанија, во неколку села живее православно македонско население. Низ вековите нивната православна вера и вербата во Бога го одржало населението да ги издржи и најголемите предизвици. Во овој предел тајно била практикувана верата дури и во време кога во енверова Албанија било забрането секакво верско делување.
Во режимот на Енвер Хоџа црквите биле затворани, а многу од нив биле претворани во складишта или целосно биле уништени. После падот на енверизмот, во македонските села низ Албанија повторно биле отворени и исчистени оние цркви кои го издржале долгогодишното уништување. Некои од нив, со средства на македонското православно население биле целосно реновирани, а биле изградени и нови. Македонците од Преспа и денес се достоинствени и искрени верници, кои почитувајќи го Бога, ги почитуваат традициите на православната вера.
Денес, нивната потреба за изразување на својата почит кон Бога, добива нова форма. Така, на 1 јули 2021 година на ледината над преспанското цело Шулин беше подигнат 12 метарски Крст, со ширина од 6 метри. Крстот се гледа од сите страни и ги благословува сите преспански села. Според информацијата која е објавена по повод поставувањето на Крстот, тој е поставен „… благодарение на верниците од село Шулин и сите донатори кои овозможија да се изгради“.
По овој повод, жителите на Шулин и на другите преспански села ја испратија и нвната молитва „Господи, под знакот на овој Крст заштити ги верниците кои живеат во ова село Шулин! Сите жители во Преспа! Сите кои веруваат и се молат на овој Крст. Со овој дар, Господи благослови ја и заѓтити ја нашата Преспа. Амин“.
Посакуваме Македонците во Албанија да ја продолжат праксата за заштита на своето македонско наследство и здружени да нè радуваат со уште многу вакви заеднички делувања во поглед на чувањето и почитувањето на православието во Албанија. Воедно, честитајќи го подигнувањето на Крстот во село Шулин, се заблагодаруваме на сите донатори кои несебично помогнале за изработка и поставување на овој верски симбол.
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden