Во Скадар запален изборен материјал, судири на полицијата и граѓаните (ВИДЕО)

Во албанскиот град Скадар атмосферата е полна со тензии откако синоќа беше подметнат пожар во училиштето во кое се наоѓал изборен материјал за локалните избори. Изборите требаше да се одржат на 30 јуни, но албанскиот претседател Илир Мета ги одложи поради актуелната политичка ситуација.

И покрај тоа што албанскиот претседател Мета го поништи указот за одржување на локалните избори во таа земја на 30 јуни, албанскиот премиер Еди Рама ја продолжи предизборната кампања, ветувајќи им на граѓаните дека закажаните избори никој не може да ги одложи.

Централната изборна комисија на Албанија почна да го доставува изборниот материјал во општините, меѓутоа, синоќа во Скадар беше запален објектот во кој бил сместен материјалот, кој целосно изгорел, а предизвикана е и материјална штета на објектот. Дошло и до судир меѓу полицијата и граѓаните кои ја блокирале интервенцијата на противпожарната единица.

Во градот Тропоја бил украден и фрлен изборниот материјал, и исто така избил судир меѓу полицијата и поддржувачите на опозициската Демократска партија во местата Билишта, Бурел, Каваја, како и во местото Камза, каде бил повреден еден полицаец.

По барањето на градоначалниците од опозицијата да се „ослободат“ просториите одредени како гласачки места, како и просториите во кои е сместен изборниот материјал, албанската полиција донесе одлука за обезбедување на тие локации.

Во албанскиот парламент утре по итна постапка ќе биде усвоен закон кој предвидува пресуда и забрана за напуштање на земјата во траење од 5 до 10 години за секој кој ќе изврши изборно кривично дело. Ова денес го најави премиерот Еди Рама како предупредување за опозицијата и нејзините симпатизери кои ги напаѓаат просториите каде што е сместена изборната комисија и каде што има изборен материјал.

„Предлогот на овој закон е подготвен и утре ќе биде изгласан во парламентот. Секој што ќе изврши изборен криминал ќе биде осуден и ќе му биде забрането да ја напушти земјата од пет до десет години“, истакна Рама.

 

Advertisement