Во светот има 900 000 заразени и 45 000 починати од коронавирус

Заразата низ целиот свет не се намалува, при што епицентарот од Источна Азија се пресели во Европа и  Америка во последните неколку недели. Универзитетот Џон Хопкинс исто така на својата страница објави дека бројот на официјално потврдени закрепнати лица од „Ковид-19“ достигна 191.673.

Додека најголем број во моментов заразени во Соединетите Држави е над 200.000, најголем број смртни случаи има во Италија. Досега во таа земја се пријавени 110.574 случаи, со загинати 13.155 лица. Италијанските здравствени власти веруваат дека инфекцијата во Италија е на својот врв, но Италијанците низ целата земја се повеќе се борат да го издржат карантинот, кој треба да трае до Велигденскиот понеделник, 13 април. Првиот случај на „Ковид-19“ во Италија беше пријавен на 31 јануари, пред 59 дена.

Шпанија е втората европска земја зад Италија по стапка на смртни случаи и заболени. Досега се заразени 102.136 лица, а 9053 пациенти починале. Првиот заразен е откриен на 1 февруари, еден ден по Италија. На главниот плоштад Порта дел Сол, во Мадрид, знамињата се спуштени на половина копја, а секој ден напладне има минута молчење во знак на сеќавање на сите мртви, иако местото е напуштено со денови.

Третата најпогодена европска земја е Германија со 76.544 заразени, а потоа следува Франција со 52.870, по неа Велика Британија со 29.842. Од овие земји, Франција има најголема стапка на смртност со 3532 смртни случаи, додека во Германија овој број сè уште е под контрола со 858 починати, при што многу помалата Белгија забележа 828 смртни случаи.

Германија ги проширува ограничените мерки за движење за да се спречи ширење на коронавирусот до крајот на велигденските празници, односно до 19 април, според денешната видео-конференција на канцеларката Ангела Меркел со премиерите на сојузните покраини. Граѓаните биле предупредени да се воздржат од патувања во Германија и во странство. Ова вклучува и посети на роднини.

Со петстотини смртни случаи во еден ден, најголем број од избувнувањето на епидемијата и по смртта на 13-годишник, пандемичниот коронавирус драстично се забрзува во Велика Британија, бидејќи се слушаат критики за недостаток на тестови за персоналот во итните служби. Коронавирусот го зарази премиерот Борис Џонсон, кој моментно е во карантин, министерот за здравство Мет Хенкок и принцот Чарлс.

Иако вкупниот број заразени случаи во Соединетите Држави надмина 200.000, Томас Инглсби, директор на Центарот за здравствена безбедност Џонс Хопкинс, во неделата предупреди дека инфекцијата со коронавирус во Соединетите држави штотуку започнува.

Њујорк, финансискиот главен град на државата, е најпрометниот град на Америка. Таму започна поставувањето на теренски болници за зголемување на капацитетот пред врвот на епидемијата. Првиот случај е регистриран на 1 март, а наскоро стана епицентар во САД.

Advertisement