Во Црно Море потона брод со мигранти

Четири лица се удавиле, а најмалку 20 се водат за исчезнати откако рибарски брод кој превезувал мигранти потонал во близина на турското крајбрежје на Црното Море, се вели во соопштението на турската крајбрежна стража.

Најмалку 38 мигранти биле спасени од страна на крајбрежната стража и комерцијални бродови кои пловеле во областа. Рибарскиот брод потонал рано утрово во близина на Кефкен, околу 200 километри источно од Истанбул.

Се уште не е јасно во кој правец се движел бродот и нема информации за националностите на мигрантите. Во време кога бројот на мигранти кои минуваат низ Егејското Море на пат до Европската унија се намали, бројот на лица кои го преминуваат Црното Море од Турција кон Романија, значително се зголеми.