Вурмо: Во Албанија се уште има семејства кои чекаат да се вратат во домовите погодени од земјотресите (ВИДЕО)

Каква е атмосферата во Тирана, Албанија по супер-успешната донаторска конференција во Брисел, на која ЕУ и други држави донираа материјални средства и поволни кредити за обновата после земјотресите за Утрински брифинг на „Слободна ТВ“ говореше Ѓерѓи Вурмо, програмски директор на Институтот за демократија и медијација во Тирана. „За сега оптимизам. Но исто така фалат информации. Знаеме дека најголем дел од помошта се кредити, 300-400 милиони евра грантови. Се уште не знаеме какви се условите на кредитите и не знаеме како точно и кога ќе почне помошта да се дистрибуира за Албанија“, вели Вурмо. Тој рече дека во подрачјето на Драч и некои делови од Тирана се започнати градежни интервенции, но се уште има луѓе и семејства кои чекаат да се вратат во домовите. Државата почнала со расчистување на подрачјата, но се уште се планира како ќе оди градењето на новите домови. Околу евентуалните последици врз туризмот од серијата земјотреси кои ја погодија земјата, Вурмо вели дека Драч особено ќе биде погоден. „Мислам дека Драч ќе има тешка сезона. Во последните години јужна Албанија има развиено многу повеќе за туризмот и се разбира дека ќе се осетат последиците, но за таму нема да биде голем проблем“,

Датумот на почеток на преговорите и проценката на политичките кругови во Албанија

За датумот на почеток на преговорите и проценката на политичките кругови во Албанија околу претстојниот извештај на ЕК, Вурмо вели дека политичката криза во Албанија се уште трае. „Како и секогаш во Албанија има две верзии на истиот настан. Едната на Владата – оптимистичка, и една на опозицијата која се фокусира на домашните случувања и условите кои земјата треба да ги пополни за да добие датум за преговори. Но, последните изјави на Макрон се доста охрабрувачки. Новата методологија оди во тој прилог, значи Французите имаат нешто за кое ќе се фалат, односно добија нешто што они сакаат, инаку во суштина новата методологија е политички колку и технички процес. Техничкиот зависи од државите кандидатки, а политички процес кој зависи од земјите членки на ЕУ“, изјави Вурмо.

Тој вели дека новата методологија предвидува многу блиска координација со државите членки. Според него тоа може да е добра и лоша вест. Добра затоа што ЕУ се повеќе има да ги нагласи политичките критериуми, но и околност која може да се злоупотреби од внатрешните политички случувања на земјите членки во самата Унија. „Можеби сега ќе добиеме датум, но во секој случај мислам дека суштински нема да се смени нешто во процесот. Ќе видиме колку Македонија и Албанија ќе напредуваат и како државите членки ќе се однесуваат. Мислам дека е рано за оптимизам“, вели за Утрински брифинг на „Слободна ТВ“ Ѓерѓи Вурмо.