Захарова: Русија ја признава Република Македонија под нејзиното уставно име

Спорното прашање за името на Република Македонија треба да се реши на начин прифатлив како за Скопје, така и за Атина, изјави денеска портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова. На брифинг за новинарите во Москва, таа повторно обвини за мешање на западните земји во решавањето на спорот, како што наведе, со единствена цел да го внесат Скопје во НАТО.

Министерството за надворешни работи на Русија постојано зборуваше за Преспанскиот договор, релевантните коментари можат да се најдат на веб-страницата на Министерството. Како што е познато, Русија ја призна Република Македонија под нејзиното уставно име. Москва отсекогаш се залагаше и продолжува да се залага прашањето за името на оваа држава да се реши на прифатлив начин за Скопје и за Атина, рече Захарова.

Захарова кажа дека во процесот на одобрување на Договорот од Преспа, се направени „сериозни прекршувања на домашното законодавство во една од страните, како и на меѓународните правни норми, со силен надворешен притисок“. Веруваме дека никој не треба да се сомнева оти западните земји се водени од геополитичките интереси за приемот на Скопје во НАТО, а не со желба да помогнат во решавањето на овој, всушност, билатерален спор, рече Захарова.

Advertisement