Заменик директорот на Агенцијата за странски инвестиции во посета на Тирана

 

Заменик директор на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, Игор Трајановски е во дводневна посета на Тирана со цел зајакнување на економската соработка меѓу двете земји.

За време на посетата на Тирана, Трајановски и делегацијата придружувана од Амбасадорот на Република Македонија во Албанија Стојан Карајанов и Директорот на интернационалната канцеларија на ФМ Консалтинг, ќе остварат средби со претставници на владата, но и со лидерите на институциите за поддршка на претприемништвото, Агенцијата за привлекување на СДИ – АИДА, стопанските комори како и успешни албански бизнисмени.

„Ќе работиме на взаемна соработка во пласирање на производи и поттикнување на СДИ. Ова се темели на реалните заложби за создавање на поволна инвестициска клима и отвореност на нашите економии“, изјави Трајановски по средбата со Брисида Шехај, Директор на АИДА со која Агенцијата за странски инвестиции има потпишано Меморандум за соработка.

Заменик директорот Трајановски ќе се сретне и со Потпретседателот на Трговската и индустриската комора на Тирана, Арбен Шкодра и важни членови на Комората и успешни претприемачи, како Фу Фарма и Маре Адриатик.

Од оваа посета се очекува да се унапреди соработката и размената на искуства и know-how што ќе резултира со унапредување на процесот на привлекување на СДИ , особено во делот на туризмот, енергетиката и индустријата.

Освен тоа, делегацијата од Македонија ќе има можност да оствари средби со Вицепремиерот на Република Албанија, Сенида Меси, со Министерката за заштита на претприемништвото, Министерот за туризам и животна средина, Заменик-министерот за Европа и надворешни работи, Заменик-министерот за земјоделство и рурален развој, Директорот на Кабинетот на министерот за финансии и економија и Заменик-министер за финансии и економија, но и со Економскиот Директор на Општина Тирана.

Advertisement