Западен Балкан има европска иднина

Во рамките на програмата за соработка Франција- Балкан која е поддржана од француското Министерство за Европа и надворешни работи, во Дижон се одржа дводневна меѓународна средба посветена на европската иднина на Западен Балкан. На средбата во организација на Француската амбасада од Скопје беа вклучени и претставници на градовите од Македонија.

Целта на оваа меѓународната средба е да се идентификуваат, особено за локалните и регионалните власти, влоговите поврзани со процесот на интеграција на балканските земји во Европската унија. Кристин Моро, амбасадорка и делегирана за надворешната акција на територијалните заедници во француското Министерство за надворешни работи ни објасни зошто Франција се ангажира толку многу на планот на децентрализираната соработка со земјите од Западен Балкан.

„Бидејќи децентрализираната соработка е една од формите на соработка која е најблиска до населението. Идејата е да локалните избраници работат со локалните избраници на проекти кои директно им носат корист на населението и кои дозволуваат да се развие територијата, како во областа на заштитата на наследството на меморијата, знам дека има многу француско-македонска соработка во оваа област“- вели Моро.

За време на дводеневниот форум беа истакнати и активностите и проектите кои се спроведуваат или се предвидени во размената и партнерствата помеѓу Франција и Балканот, односно Македонија во области како што се културата, граѓанското општество, солидарноста, без да се заборави н економската соработка поврзана со подобрување и атрактивност на териториите.

Така меѓу другото, градоначалникот на Новаци, Љубе Кузмановски ќе го претстави проектот Источниот Фронт, кој се реализира во рамките на децентрализираната соработка со регионот Нормандија. Ловрен Маркиќ зборуваше за децентрализираната соработка на градот Скопје во неговите инфраструктурни проекти, градоначалникот на Берово Звонко Пекевски ги возобновува односите со Нормандија. Градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, конференцијата во Дижон ја искористи за да го конкретизира договорот за одбележувањето на 50- годишнината од збратимувањето со градот Епинал.

„Тоа беше добра прилика да практично покажеме на оваа конференција дека навистина ваквите збратимувања и ваквите релации се суштински, затоа што тие комуникации всушност придонесуваат да луѓето подобро се разбираат помеѓу себе“, изјави Петровска.

На конференцијата, покрај претставниците на француското Министерство за Европа и надворешни работи, европските институции и невладини организации, учествуваа покрај претставници на Република Македонија, уште и претставници на Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Србија.

Advertisement