Започна официјалната посета на претседателот Пендаровски на Република Србија

 

Претседателот на Република Македонија, Стево Пендаровски, денеска во Палата Србија во Белград, беше примен со највисоки државни и воени почести од претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, со што ја започна официјалната посета на Република Србија.

Двајцата претседатели остварија тет-а-тет средба, на која ги потврдија пријателските односи и меѓусебно разбирање меѓу Република Македонија и Република Србија и ја потенцираа важноста и посветеноста на градењето, одржувањето и унапредување на меѓусебниот дијалог.

По средбата на двајцата претседатели, ќе се одржи и пленарен состанок меѓу делегациите на Република  Македонија и на Република Србија, по што ќе следува и заедничка прес конференција на претседателите.

Во рамки на официјалната посета, претседателот Пендаровски ќе оствари средби и со претседателката на Владата на Република Србија, Ана Брнабиќ, со претседателката на Народното собрание на Република Србија, Маја Гојковиќ, како и со претседателот на Стопанската комора на Република Србија, Марко Чадеж и стопанственици од Република Србија.

Во сабота, 23 ноември 2019 година, претседателот Пендаровски во Нови Сад ќе учествува на 4. Регионален младински форум и ќе се обрати на претседателскиот панел „Обраќање на младите пред претставниците на влаcта: презентирање на политичкиот дијалог пред милениумците“.

Advertisement