СМК: Македонците отфрлат промена на името

 

Светскиот Македонски Конгрес (СМК) го отфрла грчкиот предлог за македонско-грчка Спогодба што треба да ја ратификува Собранието на Македонија по предлог на Владата во Атина до средината на февруари, со цел промена на името на државата и идентитетот на нацијата, што подразбира промена на името на Македонскиот народ, промена на името на Македонскиот јазик, ревизија на македонската историја, промена на пасошите и личните карти, промена на Уставот на Македонија, употребата на името, трговската употреба, акронимите и знаците.

СМК за навредлива ја смета изјавата на шефот на грчката дипломатија во обидот за ново именување на државата Македонија, по примерот на Шри Ланка како земја што има едно непреведено име и Авганистан, Узбекистан, Казахстан и Пакистан како држави чии имиња се сложени зборови што го имаат истиот збор “стан“.

СМК потсетува дека државата нема композитно име составено од два и повеќе збора, или име за дома и име за светот, ниту име за внатрешна употреба и име за меѓународна употреба. Името на нашата држава се состои само од еден единствен збор – зборот Македонија и за дома и за светот!

СМК отфрла референдум, ратификација на меѓународен договор во Собранието и промена на Уставот на Републиката, со цел промена на името на државата и идентитетот на нацијата!

СМК потсетува дека прашањето за името на државата е затворено со референдумот од 8 септември 1991 година кога Македонците, по потекло и државјанство, во апсолутно мнозинство гласаа за “Суверена и самостојна држава Македонија“ без додавки и без придавки, одлуката на референдумот е задолжителна за сите, без исклучок!

СМК отфрла нов референдум за името на државата, бидејќи тоа нема да биде референдум за негова одбрана, туку за негова трајна промена!

СМК потсетува дека Резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите Нации 817/1993 од 7 април 1993 година, не прејудицира договор за промена на името на државата и идентитетот на нацијата, бидејќи тоа е суверено, неотуѓиво и неотстапно право на самоопределување и самоидентификација на државата Македонија!

СМК смета дека македонско-грчките односи мора да се градат врз основниот принцип на меѓународното право: взаемно почитување и разбирање, соработка по сите прашања од заеднички интерес, немешање во внатрешните работи на суверените нации и држави и реципроцитет во меѓусебните односи!

СМК изразува разочарување од нетранспарентноста на македонските власти околу разговорите за името на државата и идентитетот на нацијата, за разлика од грчката јавност која е информирана од нивното министерство за надворешни работи.

СМК потсетува дека Меѓународниот суд на правдата во Хаг по тужба на Македонија, на 5 декември 2011 година едногласно одлучи дека Грција ја прекршила македонско-грчката Привремена согласност од 13 септември 1995 година! Меѓународниот суд на правдата во Хаг ги отфрли обвинувањата на Атина за постоење на македонски иредентизам!

ЕУ и НАТО не се достојни за промена на името на државата и идентитетот на нацијата!

Advertisement