Железничката мрежа во балканските држави слаба да конкурира на патниот сообраќај и транспорт

Општ е впечатокот дека инфраструктурата на транспортот во балканските простори е недоволно развиена и застарена. Оваа констатација која е резултат на обемно истражување не се однесува само на физичката инфраструктура на транспортот во балканските држави туку и на политиките кои што ги спроведуваат надлежните институции на балканските држави спрема транспортот како сектор. Токму заради оваа причина се чувствува силна потреба за реновирање, ремонт и обнова на патните правци како патнички така и железнички во балканските држави кои со децении беа така да се каже целосно запоставени.

Железничката мрежа во балканските држави е доста стара така да железницата апсолутно нема шанси да му конкурира на патниот сообраќај и транспорт. Во периодот 1970/2015 копнениот транспорт во регионот станува се повеќе важен, наспроти железничкиот кој се повеќе назадува и се запоставува. Само за илустрација да дадеме еден пример за тоа дека во 1970 година делот од патниот транспорт кој тогаш изнесувал 35 одсто во 2015 година се искачува на 65 одсто. Во истиот тој период делот на железничкиот транспорт од 48 посто паѓа на 25 посто, а на останатите видови на транспорт од 17 посто на само 9 посто. Истото не се однесува на патничкиот транспорт кој во истиот период од 61 посто се зголемува на 86 посто. Железничкиот патнички транспорт во истиот тој период од 39 посто се сведува на само 14 посто. Во овој временски период сите инвестициони активности во балканските држави се реализираат во копнениот сообраќај и тоа вкупно 80 посто од сите инвестиции.

Моментално поради техничките карактеристики на железничките пруги на балканските простори но и поради географските карактеристики, големи делници од железниците се поприлично оштетени и не се доволни за задоволување на потребите како за транспорт на стоки така и за транспорт на патници. Освен тоа пругите кои што се прилично застарени не се доволни за високи брзини кои што претставуваат потреба на денешницата. Не се само пругите застарени туку и мостовите и тунелите, па дури може да се каже дека е застарен и целокупниот инвентар на железницата.

Дел од делниците на железниците во балканските држави се целосно затворени за сообраќај поради застараност, а во дел од нив сообраќајот се одвива доста отежнато. За надминување на овој проблем постои потреба од инвестирање. На Балканот како што е познато во минатите години се случуваа етнички судири, доаѓаше до судири на интереси меѓу балканските државички што резултираше со лоши меѓу соседски односи. На пример дури и денеска не функционираат железнички линии меѓу Македонија и Бугарија, потоа меѓу Македонија и Албанија, или меѓу Косово, Албанија и Грција.

Може да се каже дека и железничката сигнализација во балканските држави е во многу лоша состојба. На пример Албанија располага со 55 локомотиви од кои 25 се целосно застарени и неупотребливи. Некои локомотиви се стари преку 35 години. Слична е состојбата и со македонските железници. Вагоните во Македонија просечно се стари по 35 години. Како што може да се претпостави железниците во балканските држави се многу под просекот во европските држави. Ова особено се однесува на дуплите пруги кои за разлика од европските држави се скоро минимални на Балканот. За електричните возови може да се каже дека нивната состојба е подобра, скоро слична со состојбата на европските железници. Ако се направи анализа на функционалноста на балканските железници, може да се користат податоците на база на процентот на патници или тони стока за транспорт. Функционалноста и продуктивноста на балканските железници во процент изнесува некаде околу 29 проценти за разлика од европските.

За да се обезбеди поголем квалитет на услугите и поефикасен железнички сообраќај и транспорт во балканските држави, треба пред се да се обнови постојната железничка инфраструктура како и да се обноват и модернизираат железничките компании и железниците паралелно со модернизацијата на пругите и сигнализацијата. Хрватска која за разлика од другите балкански држави има подобра железница споредено со железниците на европските држави сепак многу заостанува. Модернизацијата на балканските железници ќе биде во прилог и на европските држави, токму затоа од приоритетно значење е што поскоро да се усогласат законите кои што се однесуваат на секторот во балканските држави со оние во европските држави.

Advertisement