29. Генерално Собрание на Светскиот Македонски Конгрес (СМК) донесе Резолуција за Македонците во Албанија

 

На 10 август 2019 година, сабота, во Скопје се одржи 29. Генерално Собрание на Светскиот Македонски Конгрес (СМК). Донесе Резолуција за Македонците во Албанија, Резолуцијата за Македонците во Албанија.

РЕЗОЛУЦИЈА ЗА МАКЕДОНЦИТЕ ВО РЕПУБЛИКА АЛБАНИЈА

(1) Упатуваме целосна поддршка за унапредување на положбата и правата на Македонците во Република Албанија.

(2) Ја осудуваме антимакедонската пропаганда на Софија во Република Албанија за денационализација и асимилација на Македонците во “Бугари“, засилена после влегувањето на Република Бугарија во Европската Унија и прифаќањето на ‘бугарско малцинство’ во Република Албанија во Законот за националните малцинства поради уцените на Софија.

(3) Бараме ревизија на Законот за националните малцинства во Република Албанија со бришење на “бугарското малцинство“, бидејќи Бугари во Република Албанија нема!

(4) Бараме Европската Унија да го стопира издавањето на бугарски државјанства и пасоши за Македонците во Република Албанија, со декларација “Бугари по потекло“.

(5) Македонците во Република Албанија, независно од вероисповедта, се неотуѓив и нераскинлив дел од Македонскиот народ!

Македонците во Република Албанија никогаш не биле, ниту кога и да е ќе бидат “Бугари“!

(6) Апелираме Владата на Република Македонија да преземе сериозни мерки во грижата за положбата и правата на припадниците на Македонскиот народ во Република Албанија.

(7) Предлагаме склучување билатерален Договор за положбата и правата на Македонците во Република Албанија и за положбата и правата на Албанците во Република Македонија, врз основниот принцип на меѓународното право на еднаква сувереност што подразбира: заемно почитување и разбирање, соработка по сите прашања од заеднички интерес, немешање во внатрешните работи и реципроцитет во меѓусебните односи.

(8) Сметаме дека Македонците во Република Албанија треба да ја консолидираат Македонската партија после поразот на локалните избори одржани на 30 јуни 2019 година.

(9) Пружаме услуги на добра волја за консолидација на Македонската партија и унапредување на положбата и правата на Македонците во Република Албанија.

(10) Упатуваме искрени честитки до Васил Стерјовски за верификацијата на мандатот за пратеник во Собранието на Република Албанија, со уверување дека ќе презема мерки и активностите за унапредување на положбата и правата и за создавање услови за подобар живот и работа на Македонците во Република Албанија.

(11) Упатуваме искрени честитки до Пали Колефски за изборот за градоначалник на општина Пустец, во областа Мала Преспа, со уверување дека ќе продолжи со мерки и активности за унапредување на положбата и правата на Македонците во општина Пустец и во Република Албанија, и за создавање услови за подобар живот и работа на Македонците во општината.

(12) Упатуваме искрена благодарност до досегашниот градоначалник на општина Пустец Едмонд Темелко за се’ што стори за Македонците во општина Пустец и во Република Албанија, верувајќи дека и натаму ќе биде во акција со македонските работи во Република Албанија.

(13) Оваа Резолуција влегува во сила со нејзиното донесување.

(14) Оваа Резолуција се објавува во “Службен весник на Светскиот Македонски Конгрес“.

(15) Оваа Резолуција се доставува до: Собранието, Претседателот и Владата на Република Македонија; Претседателот, Собранието и Владата на Република Албанија; Македонската партија во Република Албанија; архивата и членките на Светскиот Македонски Конгрес.

Advertisement