Светскиот Македонски Конгрес против договорот Македонија – Грција

Светскиот Македонски Конгрес врз основа на барањата од повеќе македонски заедници и организации во светот утврди Семакедонски проглас против Договорот Заев-Ципрас за велепредавство на државата и нацијата. Светскиот Македонски Конгрес апелира истиот да се дистрибуира меѓу сите македонски заедници и организации во светот и секој поединечно да го доставува до претседателот, Собранието и Владата на Македонија, домицилните власти и меѓународните организации ЕУ, НАТО, Советот на Европа и Обединетите Нации. Семакедонскиот проглас против Договорот Заев-Ципрас за велепредавство на државата и нацијата го објавуваме во целина. Македонците од сите делови на Македонија, во татковината и во светот, во одбрана на името на државата и идентитетот на нацијата, а во врска со Договорот Заев-Ципрас го утврдија следниот

СЕМАКЕДОНСКИ ПРОГЛАС

(1) Го отфрламе Договорот Заев-Ципрас за промена на името и идентитетот и го сметаме за велепредавство на државата и нацијата! Договорот Заев-Ципрас е ништовен!

(2) Даваме целосна поддршка на Претседателот на Република Македонија, дека под никакви притисоци, уцени и закани нема да го поддржи и потпише Договорот Заев-Ципрас, бидејќи е во спротивност со Уставот и законите и меѓународното право!

(3) Ќе ги преземеме сите мерки во согласност со домашното и меѓународното право пред надлежните органи во Македонија и меѓународните организации за поништување на договорот Заев-Ципрас и отстранување на штетните последици по државниот суверенитет и територијалниот интегритет на Македонија и безбедноста во регионот.

(4) Сметаме дека промената на името на државата и идентитетот на нацијата претставува капитулација, корупција и организиран криминал поради лукративни цели!

(5) Очекуваме лицата кои ќе склучат и ратификуваат договор за промена на името на државата и идентитетот на нацијата да бидат изведени пред судот на правдата, народот и историјата, и најстрого казнети за сторени кривични дела против народот и државата: повреда на угледот на Република Македонија (член 178), излагање на подбив на Македонскиот народ и припадниците на заедниците (член 179), велепредавство (член 305), загрозување на независноста (член 308), терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста (член 313), здружување заради непријателска дејност (член 324), злоупотреба на службената положба и овластување (член 353) и самовластие (член 392) од Кривичниот законик на Република Македонија!

(6) Отфрламе промена на Уставот, ратификација на меѓународен договор и референдум заради промена на името на државата и идентитетот на нацијата!

(7) Промената на името на државата и идентитетот на нацијата не претставува демократија и слобода на уверувањето, туку флагрантно кршење на Уставот и законите и на меѓународното право, геноцид врз Македонскиот народ и злосторство против човештвото што не застарува, како и најтешко кривично дело велепредавство, што траба да биде казнето со доживотен затвор и конфискација на целиот имот на семејството, дома и во светот!

(8) Името на државата е идентитетот на нацијата! Промената на името на државата значи трајна промена на идентитетот на нацијата, затоа што по меѓународно право името на националноста по автоматизам се определува по името на државата, а не со меѓународни договори спротивни на меѓународното право.

(9) Потсетуваме дека прашањето за името е затворено со референдумот од 8 септември 1991 година, кога Македонците, по род и државјанство, во апсолутно мнозинство гласаа за “СУВЕРЕНА И САМОСТОЈНА ДРЖАВА МАКЕДОНИЈА“ без додавки и без придавки, а одлуката на референдум по Устав е задолжителна за сите, без исклучок!

Нов референдум за името на државата нема да биде референдум за одбрана, туку за негова трајна промена и на идентитетот на нацијата!

(10) Ги повикуваме Зоран Заев и Никола Димитров да не склучат договор со Алексис Ципрас и Никос Коѕиас за промена на името на државата и идентитетот на нацијата!

Ги повикуваме пратениците да не го ратификуваат договорот за промена на името на државата и идентитетот на нацијата! Го повикуваме претседателот на Републиката да не го потпише Указот за погласување на Законот за ратификација на Договорот за промена на името на државата и иденитетот на нацијата и при повторно гласање во Собранието! Претседателот на Републиката и парламентарната опозиција имаат историска одговорност или ќе останат запаметени во историјата како спасители на државата и нацијата или ќе бидат соучесници во велепредавството на Владата!

(11) Повикуваме на бојкот на референдум за промена на името на државата и идентитетот на нацијата, со слоганот: “Секое прашање за промена на името на државата и идентитетот на нацијата не заслужува одговор!“

(12) Отфрламе пристапување на Македонија во сојуз со ЕУ и НАТО поради антимакедонизмот на Грција и Бугарија, грчкиот и бугарскиот геноцид врз Македонскиот народ, наци-фашистичкото барање на Грција за промена на името на државата Македонија и наци-фашистичкото барање на Бугарија за промена на јазикот, културата и историјата на Македонскиот народ како вредност за солидарност на Брисел и Стразбур со Атина и Софија!

ЕУ и НАТО не се достојни за промена на името на државата и идентитетот на нацијата!

(13) Бараме Претседателот на Републиката, сега и веднаш, да објави безусловен крај на преговорите за разликата за името на државата и за тоа со Нота да го извести Генералниот секретар, а до Генералното собрание да достави Резолуција за продолжување на членството во ООН под единственото државното име Македонија, со можност за употреба на уставната додавка “Република“ како јасна разлика од истоимената северна провинција во Грција и југо-западна провинција во Бугарија, без латинична транскрипција на Македонскиот јазик (Republika Makedonija) туку на англиски јазик Republic of Macedonia, со меѓународниот код МК односно МКД и нотификација на Македонскиот народ и Македонскиот јазик на англиски јазик Macedonian people и Macedonian language, за Македонско државјанство на англиски јазик Macedonian, независно од историските хипотеки на Балканските војни 1912-1913 година – окупацијата врз Македонија и геноцидот врз Македонскиот народ што се’ уште траат!

(14) Ја потсетуваме Владата дека име на регион не креира правни обврски или забрана за имe на држава, бидејќи државата е меѓународно-правно лице, а регионот не е субјект на меѓународното јавно право! Не постои друга држава во светот со името Македонија! Државата Македонија прифаќа истоимени региони во соседните држави!

Ја потсетуваме Владата на шесте принципи во меѓународното право релевантни за името на државата: (1) Државите немаат ексклузивни права на државните имиња; (2) Државните имиња не влијаат на територијалните права и обврски; (3) За името на државата, не е релевантна историјата или наследството; (4) Спорови меѓу државите за државни имиња не постојат; (5) Државното име не може да се: украде, фалсификува или наметне, како што не може ниту да се одземе (од Обединетите Нации) или да се преформулира; и (6) Правото на поседување правен идентитет на државата и самоопределување на народот е jus cogens норма на внатрешното уставно-правно уредување, името не е предмет на било какво надворешно уредување или мешање!

(15) Укажуваме дека со промена на името на државата и идентитетот на нацијата се врши трајна демонтажа на државноста и се губи државниот суверенитет и територијалниот интегритет, што создава безбедносен проблем на Балканот, ќе воскреснат територијалните аспирации на сите соседи кон Македонија од Балканските војни 1912-1913 година.

(16) Укажуваме дека во согласност со членот 53 од Виенската конвенција за договорното право, потпишана на 23 март 1969 година, а ратификувана на 6 мај 1970 година, “ништовен е секој договор кој во моментот на своето склучување е во судир со императивната норма на општото меѓународно право (jus cogens), “прифатена и призната од целата меѓународна заедница на државите, како норма од која не е допуштено никакво отстапување и која не може да се измени со нова норма на општото меѓународно право од ист карактер!“

(17) Потсетуваме, дека меѓународните договори во името на Република Македонија ги склучува претседателот на Република Македонија, и тие мора да бидат во согласност со Уставот! Уставот не се менува со меѓународен договор. Со меѓународен договор не може да се суспендира или анулира дел или целиот Устав на државата!

(18) Потсетуваме на пресудата на Меѓународниот суд во Хаг по тужбата на Македонија против Грција од 5 декември 2011 година, со којашто Судот го суспендира суспензивното право на Грција за членство на Македонија во меѓународните организации и сојузи, и потврди дека Грција го прекрши членот 11 од македонско-грчката Привремена согласност од 13 септември 1995 година!

(19) Простуваме но не забораваме, бараме извинување и репарации за експлоатацијата на природните и археолошките ресурси од 1912 година и за штетите по животите и имотите на Македонците во окупираните територии на Македонија, како и враќање на граѓанските, имотните и наследните права на насилно прогонетите Македонци од Егејскиот дел на Македонија од Балканските војни, Првата и Втората Светска Војна и Граѓанската Војна во Грција!

(20) Ги охрабруваме претседателите на Македонија и Грција да потпишат Декларација за историско македонско-грчко помирување во којашто двете страни: (1) заедничката граница ја сметаат за неповредлива, (2) отфрлаат територијални претензии, и (3) потврдуваат дека културата и историјата на Македонија не се ексклузивно право, туку дел од културно-историскиот идентитет на сите балкански демоси како современи политички нации во чијашто основа е македонскиот етнос, независно од разликите во читањето на историјата од аспект на актуелната геополитика, дури и независно од разликите меѓу современите литературни јазици како производ на современите политички нации.

Ги повикуваме Македонскиот и Грчкиот претседател да склучат Договор за траен мир и добрососедство меѓу Македонија и Грција, врз принципот на еднаква сувереност, што ќе ја замени Времената согласност од 13 септември 1995 година!

(21) Бидејќи Брисел и Стразбур вршат грубо мешање во внатрешните работи на Македонија со дестабилизација и контролирана нестабилност, заради изнуда на јавност за членство во ЕУ и НАТО, бараме итна вонредна седница на Советот за безбедност на Обединетите Нации!

Бараме постојаните земји членки на Советот за безбедност да стават вето на Договорот Заев-Ципрас, бидејќи е во спротивност со Уставот и законите и меѓународното право!

(22) Бараме: (1) Повлекување на Законот за употреба на јазиците; (2) Поништување на Договорот Заев-Борисов од 1 август 2017 година; (3) Итно ослободување на притворените и осудените за настаните во Собранието на Република Македонија од 27 април 2017 година; и (4) итно ослободување на Едмонд Темелко од обвинение.

(23) Бараме самораспуштање на Собранието и одржување вонредни парламентарни избори.

(24) Со сите разлики меѓу нас Македонците, во татковината и во светот, само Македонија е нашиот единствен заеднички именител, само Македонија е нашиот единственз заеднички содржател! Со Македонија постоиме, без Македонија сите заедно ќе исчезнеме!

(25) Овој проглас ќе се достави до Претседателот, Владата и Собранието на Македонија, ЕУ, Советот на Европа, НАТО и ООН!

Advertisement