
Македонската Алијанса упатува честитка до сите браќа и сестри Македонци во Татковината и ширум светот, да го славиме нашиот древен Македонски јазик и да им покажеме уште еднаш на сите дека не постои сила која може да ни го одземе идентитетот. Сите заедно да ги славиме и паметиме нашите просветители Светите браќа Кирил и Методиј кои се заслужни за Македонската азбука, писмо и со тоа ја овозможиле целокупната Словенска писменост.
Политичките фактори во Татковината да разберат дека декларативните заложби за заштита на Македонскиот јазик се одамна прочитани. Наместо Пендаровски, Заев, Димитров и Шекеринска да ни продават лаги дека Македонскиот идентитет е бетониран после предавствата со Грција и Бугарија, денес по повод Меѓународниот Ден на мајчиниот јазик треба отворено да застанат и да ги поддржат барањата:
На Македонското движење за промоција на мајчиниот јазик – Крсте Мисирков со седиште С’ботско, Егејска Македонија за училишен простор во Општината Воден за организирање настава за изучување на Македонскиот јазик. Да застанат зад Извештајот на мониторинг комисијата на Парламентарното Собрание на Советот на Европа со кој се констатира дека Бугарските власти спротивно од Рамковната Конвенција, не ги признаваат Македонците, не се изучува Македонскиот јазик, ниту Македонската историја во училиштата.
Да побараат, нашите браќа и сестри во Пиринска Македонија да добијат буџетски средства за зачувување и развој на Македонскиот идентитет и култура, да бидат регистрирани Македонските организации, да престане дискриминацијата и говор на омраза кон Македонците од страна на централната и локалните Бугарски власти. Да застанат зад принципиелните барања на Македонците во Албанија, кои ги соопштуваат првиот наш Македонски пратеник во Албанското Собрание, Васил Стерјовски и Македонско друштво „Илинден“ од Тирана за отворање катедри за Македонски јазик на Државните Универзитети во Тирана и „Фан Ноли“ во Корча. – стои во честитката потпишано од претседателот на Македонска Алијанса, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски.
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden