Европската Комисија препорача отворање на преговорите со Македонија и Албанија

Во извештајот за Македонија, Европската Комисија наведува дека земјата постигнала значителни резултати во клучни области. Комисијата исто така наведува дека ја повторува  препораката до Европскиот совет да почне преговори за членство со двете држави. Извештајот заедно со новата методологија за проширување на ЕУ се очекува да биде разгледан на самитот на Европската Комисија овој месец и е фокусиран во судските реформи, борбата против корупцијата, реформите во безбедносните служби и јавната администрација.

Во однос на судските реформи, Комисијата нотира дека се преземени сериозни чекори за јакнење на независноста на судството, во согласност со меѓународните стандарди и добрите практики. Се наведува дека во дијалог со Европската Комисија земјата усвои и измени важни закони како: Законот за јавно обвинителство, Кривичниот закон, Законот за судството, Законот за Судскиот совет, Законот за Обвинители и други.

„Амандманите на законот за Академија за судии и обвинители се подготвени за усвојување од следниот парламент. Поднесено е првото обвинение во електронскиот систем за распределување на предметите во судството, АКМИС“, се наведува во Извештајот.

Европската комисија подвлекува дека земјата ја зајакна правната рамка за борба против корупцијата и ги продолжи истрагите за случаи на корупција на високо ниво.

„Во 2019 година Јавното обвинителство за организиран криминал отвори 9 нови случаи во кои беа вклучени 52 осомничени. Во 2019 година, 38 лица беа обвинети за злоупотреба на службената должност, меѓу кои и поранешниот министер за транспорт, нотари, администратори и други јавни службеници. Покренати се и сериозни прашања за случајот „Рекет“, едно лице е осудено на 3 години затвор и случајот продолжува со двајца други обвинети“, пишува во Извештајот.

Преку ажурираниот извештај, ЕК го информира Советот на Европа со ситуацијата за сите покренати случаи од СЈО, кои преминале во Јавното обвинителство, додавајќи дека по апсењето на поранешната шефица и истекувањето на мандатот на специјалните обвинители има застој во одредени постапки. На овој начин, неколку случаи се застарени а други треба да почнат одново. Според Комисија, важно е  што Комисијата за спречување на корупцијата постојано презема акции за секое обвинување за непотизам или вработување преку влијание, но иако се покренати  66 случаи, се уште не се решени сите.

Комисијата исто така забележува напредок во борбата против организираниот криминал, со поголем број на истраги во врска со организирани криминални групи. ЕК позитивно ја оцени поделбата на Агенцијата за Национална Безбедност од МВР и укинувањето на полициските овластувања за вработените. Според ЕК, зголемена е транспарентноста на јавната администрација преку Стратегијата за транспарентност 2019-2021, преку објавување на податоците за јавните финансии. Инаку, и ажурираниот извештај за Албанија е позитивен. Затоа, комесарот на ЕУ за проширување, Оливер Верхеи очекува и Советот на Европа да одлучи позитивно за отворање на преговорите со Македонија и Албанија.