Mirëmbrëma, Добровечер!
Добредојдовте во Тирана, Република Албанија!
Почитувани гости,
Дами и господа,
Драги пријатели,
Почитувани присутни,
Денес имаме чест и особено задоволство да го отвориме 29-тиот семинар на АГСМ (Работна група на словенските малцинства), кој се одржува тука во Тирана, во организација на ФУЕН, а во тесна соработка со Македонското друштво „Илинден“-Тирана.
Македонското друштво „Илинден“-Тирана пред точно 11 години испиша историја, станувајќи првото здружение од Република Албанија кое стана рамноправен член на ФУЕН. Затоа, ова е навистина значаен и голем ден за Република Албанија, за македонското национално малцинство, но и за самото друштво „Илинден“.
За првпат во Тирана се собрани претставници на 20 организации, со вкупно 40 делегати кои доаѓаат од 11 различни држави: Албанија, Германија, Австрија, Словенија, Хрватска, Естонија, Украина, Унгарија, Србија, Италија и Словачка. Вашиот престој тука е доказ дека мостовите на соработка не познаваат граници.
Македонското национално малцинство во Република Албанија е едно од најстарите малцинства на овие простори. Тоа е автохтоно население кое со векови опстојува и живее во околу 50 села долж албанско-македонската граница, во областите Голо Брдо, Преспа, Гора, во селото Врник, областа Поле, како и во поголемите урбани центри како Тирана, Драч, Елбасан, Поградец, Корча и Кукс. Македонците во Албанија отсекогаш биле мирољубиви, лојални граѓани, луѓе кои активно и со висок интегритет придонесувале и придонесуваат во сите сфери на албанското општество.
Овој семинар e силен потсетник дека различностите се нашето најголемо богатство. Во свет кој брзо се менува, нашиот глас, нашата култура и нашиот идентитет зависат токму од ваквите платформи каде што учиме едни од други, се поддржуваме и заеднички чекориме кон европските вредности на меѓусебно почитување. Размената на искуства на овој 29-ти семинар сигурно ќе ни даде нова енергија и нови идеи за идни проекти.
Искрено се радувам што денес сме собрани во волкав број на овој значаен настан. Мојата желба е ваквите средби да станат уште почести во иднина, бидејќи само преку заедничка посветеност и цврста соработка ќе успееме да ги зачуваме од заборав скапоцените вредности, традицијата, јазикот и културното наследство на Македонците во Република Албанија.
Истовремено, во името на Македонското друштво „Илинден“-Тирана, упатувам искрена и длабока благодарност до ФУЕН и АГСМ за нивната континуирана, несебична поддршка низ годините.
Ви посакувам успешна работа на семинарот, пријатен престој во прекрасната Тирана и незаборавни дружби!
Ви благодарам на вниманието!
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden
