Претседател на Македонија се обрати на состанокот на директорите на Агенциите за разузнавање од земјите учеснички во Процесот Брдо-Бриони

 

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска се обрати на отворањето на состанокот на директорите на Агенциите за разузнавање од земјите учеснички во Процесот Брдо-Бриони. Состанокот на директорите на Агенциите за разузнавање на земјите учеснички во Процесот Брдо-Бриони се одржува за прв пат на иницијатива на Република Македонија и на него се дискутира за безбедносната поврзаност, како сегмент на регионалната соработка.

„Вистинскиот збор што му е најпотребен на нашиот регион во полето на безбедноста е партнерство. Партнерство што се постигнува со градење доверба заради веродостојни податоци, заеднички операции и заштита на информацијата. Ќе потсетам дека заштита на информацијата, идентитетите на разузнавачите и изворите, спречување на истек на податоци е приоритет за секоја служба. Ова е особено важно во нашето време на лажни вести и војни на перцепции“, рече претседателот Иванов.

Тој порача дека не треба да се заборави оти најважната лекција од мигрантската кризае дека најголемата сила е соработката меѓу земјите. Колку е цврст Балканот, според него, толку е цврста Европската Унија. Собирот е во пресрет на состанокот на лидерите на земјите учеснички од Процесот Брдо-Бриони, што на 27 април ќе се одржи во Скопје, Република Македонија.