Бала: Парламентарни избори во редовниот термин во 2021 година

Албанските владејачки социјалисти ставија точка на дилемата дали ќе има или не предвремени парламентарни избори, што во континутет ги бара главната опозиција. Координаторот на пратеничката група Таулант Бала, изјави дека парламентарните избори ќе се одржат во јуни 2021 година, отфрлајќи каква било можност дека мнозинството ќе прифати предвремени избори. Редовни парламентарни избори, ќе има на 30 јуни 2021 година така што ова прашање не треба да се поставува во следните 13 месеци,- рече Бала.

Изјавата на Бала следува по изјавата на лидерот на Демократската партија, Љуљзим Баша, кој рече дека неговата партија и нејзините сојузници од обединетата опозиција, цврсто стојат на барањето за предвремени избори со преодна, техничка влада. За излез од кризата предвремени избори мора да има, со преодна, техничка Влада. Македонскиот модел ќе биде гаранција за слободата на гласот, смета Баша. Според него освен ова барање, приоритет за опозицијата е електронското гласање со цел купопродажбата на гласови да биде што потешко остварлива, како и електронско пребројување на гласовите. Овој приоритет на ПД, додаде Баша, е дел од разговорите со владејачкото мнозинство околу изборните реформи.