Балканот меѓу Русија и НАТО

 

 

Балканот е регион каде што секогаш се прекршувале копјата на суперсилите и се преплетувале економските, политичките, па дури и воените интереси на главните играчи во геополитичката сцена во одреден момент од историјата. На ваква констатација насочуваат многуте анализи во медиумите што доаѓаат од САД и од Русија, но и серијата политички настани, кои се случија овој месец, евидентирани во регионалната јавност.

Шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, го искористи месецов најверојатно да му докаже на НАТО дека Русија и натаму негува тесни врски со Балканот наспроти противењето на Западот. Тој неделава со големи почести беше примен во Словенија, која е членка на НАТО, членка на ЕУ, и држава што ги поддржува санкциите против Москва, а веднаш потоа Лавров гостуваше и во Србија, која важи за воено најмоќната балканска земја, која истовремено е и близок сојузник на Кремљ. За време на првата балканска посета Лавров гостуваше во Љубљана за да потпише меморандум за основање меѓународен центар на Втората светска војна, а визитата на Белград беше остварена по покана од шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ, по повод одбележувањето 180 години од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Србија и Русија. Рускиот дипломат Лавров, кој на овој или на оној начин е на чело на московската дипломатија уште од 1994 година, изминативе денови успеа да се сретне и со уште еден балкански државник. За време на одржувањето Минхенската безбедносна конференција Лавров се состана неформално и со Игор Црндак, првиот човек на дипломатија на БиХ. Она што е многу побитно во приказната од ваквите протоколарни информации, е фактот дека шефот на руската дипломатија го искористи гостувањето на Балканот да му испрати порака на НАТО.

Лавров истакна дека постои „џентлменски договор“ од 1990-тите години меѓу Русија и САД и западните сојузници, со кој НАТО ветува дека нема да се шири на исток кон границите на Русија. Тој договор веќе е прекршен со трите проширувања на НАТО, а сега во таа игра сакаат да го вовлечат и Балканот.Ја разгледавме состојбата во Европа,која, за жал, не е здрава, поради обидите на одредени членки на НАТО и на ЕУ, да ја зголемат конфронтацијата со ширењето на Северноатлантскиот сојуз сѐ повеќе кон Исток. Притоа не се зема предвид мислењето на граѓаните од одредени земји, како што беше случај во Црна Гора, и како што сега се обидуваат во Македонија и во Босна и Херцеговина – рече Лавров од говорница во Белград. Овие негови зборови, случајно или не, се совпаднаа временски со посетата на македонскиот премиер, Зоран Заев, во Берлин кај канцеларката Ангела Меркел. Посета, која има огромно стратегиско значење за Македонија бидејќи со неа се зголемува можноста да се надмине проблемот што го наметна Грција околу нашето името, а со тоа и да се забрза темпото за прием на земјава во НАТО и ЕУ. Дополнително, неделава, ситуацијата околу Балканот се заострува бидејќи Лавров од Брисел доби експресна реплика од страна на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Имаме информации дека Русија се обидува да се меша во внатрешните работи на државите од Балканот – изјави Столтенберг, додавајќи дека секоја надворешна интервенција е неприфатлива. Според него, податоците со кои тие располагаат покажуваат зајакнато руско присуство во регионот. Столтенберг неделава истакна дека сите држави на Балканот треба да бидат отпорни и способни да ги пресечат сличните обиди за мешање во внатрешните работи. Многу внимателно ја следиме ситуацијата на Западен Балкан, имаме присуство во регионот – посочи генералниот секретар на Алијансата. Тој наедно му парираше на Лавров за посетата на Белград и ја нарече Србија „близок партнер“ на НАТО, додавајќи дека Алијансата работи со сите балкански држави за нивно „присоединување кон Вашингтонскиот договор“.Во меѓувреме, по овие случувања низ регионалните медиуми беа регистрирани проникливи тивки размислувања на безбедносните експерти, кои велат дека во овој момент не е добро врз нашиот регион сега да се кршат копјата на Русија и НАТО. Овие констатации на стручната јавност засега се само дел од поголемата безбедносна приказна поттикнати од не толку тивките дијалози на политичарите од Западот и Истокот. Овие дијалози и на интелектуалците и на политичарите допрва ќе почнат да навлегуваат и во нашите регионални и домашни промислувања за постојните или пак за можните идни безбедносни приоритети.

По сево ова што се случи месецов, неминовно се наметнува заклучокот дека интеграцијата на регионот во НАТО будно се следи и од Москва, и од Вашингтон и од Брисел. Нам ни останува да ги премериме нашите политички чекори и да останеме во добри односи и со Истокот и со Западот, а во исто време и ги исполниме стратегиските определби на земјата кои велат дека Македонија повеќе од дваесет години цели да стане членка на НАТО и на ЕУ. Ако веќе интеграцијата на Република Македонија во НАТО и ЕУ е неминовност, тогаш да го завршиме нашиот дел од работата што е можно побргу и во „мирни води“, пред да се случи ескалација на интересите на Вашингтон и на Москва во регионот./www.novamakedonija.com.mk

Advertisement