Бериша за клевета треба да му плати на Рама 4.100 евра

Албанскиот премиер Еди Рама доби уште еден судски процес, во кој се јавува како тужител поради клевета. Овој пат тоа е против поранешниот албански претседател, екс премиер и почесен лидер на опозициската Демократска партија, Сали Бериша, кој според одлуката на судот треба на Рама да му плати 500.000 леки или околу 4.100 евра, иако Рама во својата тужба побарал двојно повеќе пари.

На 14 октомври 2018 година, Бериша на социјалната мрежа Фејсбук напиша дека мафијашките фамилии Рама, Џафа, Бала и Тахири се под меѓународна истрага „ не од една туку од неколку агенции на земјите партнери“. Судот, дојде до заклучок дека она што го објавил Бериша не било засновано на факти. На сите судски рочишта адвокатот на Бериша потфрли во приложување докази и како последица на тоа на судот не му беше тешко да донесе конечна одлука,дека тоа е клевета, наведува Топ чанел телевизија.

Претходно, кон крајот на октомври Рама го доби и судскиот спор против Јолинда Табаку, поранешна пратеничка од опозициската Демократска партија, исто така за клевета. Во одлуката на судот стоеше дека таа треба да му плати на Рама 300.000 леки или околу 2.500 евра, поради обвинувања дека Владата го фаворизира Олси Рама (брат на премиерот Еди Рама) и лица со рекордна криминална активност со одлуката да ги затвори игрите на среќа.