На меѓународниот Саем на книгата во Солун кој се одржува од 11 до 14 мај со две последователни манифестации, денеска се одржa чествување на дел од македонското современо книжевно творештво пред сѐ на делото на великанот на македонската книжевност Блаже Конески, како и на дел од прозното творештво на современиот македонски автор Томислав Османли.
На иницијатива на Конзулатот во Солун пред поголем број проследувачи и љубители на литературата, беа организирани, македонскиот штанд на саемот, како и книжевното чествување именувано “Блаже Конески: Везилка” и „Светилка за Ханука“ – литературно претставување на Томислав Османли.
Трибината посветена на ликот и делото на академикот, поет и лингвист Блаже Конески ја модерираше проф. д-р Димитар Пандев, а на неа свој настап имаа истакнатиот грчки книжевник Костас Валетас кој за овој настан допатува од Атина и проф. д-р Вера Стојчевска-Антиќ која во чест на Конески ја претстави својата најнова книга „Мојот Учител, пророк“ во издание на „Култура“.
Чествувањето на Блаже Конески доаѓа во годината во која се наслојуваат повеќе јубилеи на класикот на македонското литературно творештво и линвистичка наука, а пред сѐ 50 години откако беше избран за прв претседател на МАНУ. Инаку, повод за ова чествување на великанот на македонската книжевност е своевремената објава, на книга со избор од поетското творештво на Конески насловен “Везилка” во издание на атински “ЕМОС”. Кон оваа поетска објава, стои и вдахновениот предговор на Костас Валетас за значењето на поетското дело на Конески.
По повод овој омаж кон делото на нашиот Академик, влезот на македонскиот штанд на солунскиот Саем на книгата со бројни изданија на дела од наши видни писатели, е украсен со паноа на македонски и грчки јазик на две од неговите антологиски песни: „Везилка“ и „Послание“. Повод за книжевниот настан врзан за творештвото на Томислав Османли е објавата на неговара новела „Раката на ХеВХаЈ“, што во превод на Тула Папапанду.
Станува збор за објавата на грчки јазик на една од бележитите прози, дел од нашата меѓународно афирмирана книга „Светилка за Ханука“, наградената и многукратно преведувана збирка раскази и новели на еврејски теми од Балканот, поточно од Скопје, Битола и Штип, како и од Белград, Солун, Атина и Закинт