Едмонд Османи, потпретседател на Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), партија на Македонците во Албанија, реагира на изјавата на бугарската потпретседателка Илиана Јотова за отворање на училишта на бугарски јазик и нагласува дека станува збор за продолжение на политиката на Софија за асимилација на Македонците во Албанија, каде, како што наглси, не живеат Бугари.
Тој нагласува дека постојано областа во која живее ја посетуваат бугарски претставници.
„За жал, во континуитет нашата област ја посетуваат бугарски претставници како од Амбасадата, така и од Владата, даваат пасоши, за кои наплатуваат по пет илјади евра, тоа е нивната ‘грижа’ за непостечкото бугарско малцинство. Со векови зборуваме, пееме и плачеме на македонски и сега сака некој, користејќи ја сиромаштијата, да не направи она што не сме. И порано и сега едно им порачувам, дека ниту сме биле ниту ќе бидеме Бугари. Ние сме Македонци и така и ќе останеме“, нагласи Османи.
Инаку, во рамки на посетата на потпретседателката на Бугарија, Илиана Јотова на Албанија, најавено де дека ќе го посети Голо Брдо и дека ќе ја отвори учебната година во училиште во Елбасан.
Јотова ќе престојува во Албанија до 16 септември, а нејзината посета доаѓа во пресрет на пописот на населението во Албанија што, како што соопшти нејзината прес-служба, е важен момент за бугарското национално малцинство во Албанија откако беше признаено во 2017 година.