Ексклузивно интервју за македонскиот весник “Илинден“: Д-р Хартмут Лајпнер, портпарол на Работната група на словенските малцинства (АГСМ) и потпретседател на Федералната унија на европските националности (ФУЕН)

Foto: Domowina

Македонски весник “Илинден“: Како портпарол на АГСМ, можете ли да ни кажете нешто повеќе за историјата, мисијата и развојот на оваа работна група во рамките на ФУЕН? Кои се нејзините најзначајни достигнувања досега и како АГСМ придонесува за заштита на националниот, јазичниот и културниот идентитет на словенските малцинства низ Европа?

Д-р Хартмут Лајпнер: Работната група на словенските малцинства (АГСМ) е основана во 1996 година под покровителство на ФУЕН, на иницијатива од Лужица. Идејата со која е основана и денес нè води: во Европа обележана со тензии, словенските малцинства треба да се фокусираат на она што ги обединува. Во АГСМ, заедници чии народи во минатото се соочувале во политички, па дури и во вооружени конфликти, денес соработуваат преку дијалог и солидарност.

Во 2017 година, Координативната канцеларија на ФУЕН ја презеде координацијата на нашата работна група, а оттогаш имаме стабилна поддршка од Сојузното министерство за внатрешни работи на Германија. Оттогаш АГСМ значително се прошири. Денес обединува 32 организации-членки од 11 земји и претставува најголема работна група на ФУЕН. Се среќаваме двапати годишно, за време на Конгресот на ФУЕН и на нашиот годишен семинар. Секојпат семинарот го организира друга заедница-членка. Последните семинари се одржаа во Гориција и Тирана.

Придонесуваме за заштита на националниот, јазичниот и културниот идентитет на словенските малцинства на три начини:

Размена на искуства. Споделуваме искуства меѓу заедниците.

Застапување. Преку ФУЕН ги пренесуваме нивните проблеми и барања до Советот на Европа, Европската Унија и Обединетите нации.

Солидарност. Застануваме во одбрана на заедниците кои се соочуваат со притисоци, особено на помалите заедници.

Нашето убедување е едноставно: малцинствата не се проблем што треба да се решава. Тие претставуваат додадена вредност за општеството и демократијата.

Македонски весник “Илинден“: И покрај европските правни инструменти и механизми за заштита на националните малцинства, многу малцинства и понатаму се соочуваат со предизвици во однос на признавањето на нивниот идентитет, употребата на мајчиниот јазик, образованието, политичката застапеност и учеството во јавниот живот. Кои прашања ги сметате за најитни и што дополнително треба да направат европските институции и националните влади за нивно решавање?

Д-р Хартмут Лајпнер: Европските инструменти, пред сè Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства и Европската повелба за регионални или малцински јазици, претставуваат значајни достигнувања. Но, нивната слабост е во спроведувањето. Препораките на мониторинг-механизмите на Советот на Европа премногу често остануваат само на хартија, а не сите држави ги ратификувале двата инструмента. Правата што постојат само формално не штитат никого.

Сметам дека постојат четири итни прашања:

Пренесување на јазикот. Многу малцински јазици веќе не се пренесуваат природно во рамките на семејството. Без двојазично образование, од градинка до завршувањето на училиштето, овие јазици немаат иднина. Во Лужица, од каде што потекнувам, училиштата на лужичкосрпски јазик се соочуваат со сериозен недостиг од квалификувани наставници.

Признавање. На некои заедници сè уште им се оспорува признавањето на нивниот идентитет или се сведуваат само на „етнички групи“.

Учество. Премалку малцинства имаат вистинска политичка застапеност и можност да учествуваат во донесувањето одлуки што ги засегаат.

Видливост. Малцинските јазици мора да бидат присутни во медиумите и во дигиталниот свет, а не само во рамките на фолклорот.

Европската Унија нема единствена и кохерентна рамка за заштита на малцинствата. Одбивањето на Европската комисија да ја прифати иницијативата „Minority SafePack“ беше пропуштена можност. ЕУ треба да ја вклучи заштитата на малцинствата како траен дел од своите политики и програми за финансирање, а не да ја третира само како критериум за земјите-кандидатки. Националните влади мора доследно да ги спроведуваат препораките на Советот на Европа, да обезбедат долгорочно финансирање на малцинските институции и да ги вклучат малцинствата како партнери, а не само како подносители на барања.

Малцинствата не бараат привилегии. Тие бараат услови за да можат да останат тоа што се.

Фото од лево кон десно: Д-р Хартмут Лајпнер, Негово Преосвештенство Епископот Игнатиј, Епископ Амантски и викарен епископ на Архиепископот, и Никола Ѓурѓај

Македонски весник “Илинден“: Македонското друштво „Илинден“-Тирана веќе 11 години е полноправна членка на ФУЕН и АГСМ. Како ја оценувате оваа соработка?

Д-р Хартмут Лајпнер: Оваа соработка ја оценувам многу позитивно. Во текот на изминатите единаесет години, Македонското друштво „Илинден“-Тирана стана сигурен и посветен член на ФУЕН и АГСМ. Неговите претставници ги споделуваат искуствата на една заедница која долго време се бори за признавање и за правото на употреба на својот мајчин јазик. Овие искуства ја збогатуваат целата наша мрежа.

За АГСМ, членството на “Илинден“ има посебно значење. Тоа покажува дека нашата работна група се протега многу подалеку од Централна Европа и ги вклучува и словенските заедници од Западен Балкан. Нивните прашања, како што се образованието на мајчин јазик, зачувувањето на културното наследство и правичната застапеност во јавниот живот, се заеднички за многу наши членки.

Врвот на нашата досегашна соработка беше 29. Семинар на АГСМ, одржан во Тирана во јуни 2026 година. Тоа беше првпат да се сретнеме во Албанија, и тоа во годината кога одбележуваме 30 години од основањето на АГСМ. „Илинден“ го организираше семинарот со големо внимание и срдечно гостопримство. Тоа им овозможи на членовите од цела Европа непосредно да се запознаат со состојбата на македонското малцинство и со патот на Албанија кон Европската Унија. Исто така, бевме длабоко почестени кога „Илинден“ му додели признание на АГСМ.

Македонски весник “Илинден“: Албанија има правна рамка за заштита на националните малцинства и ги има ратификувано меѓународните инструменти во оваа област. Сепак, ефективното спроведување на јазичните, образовните, културните и политичките права останува од суштинско значење за секое малцинство. Како ФУЕН може да му помогне на Македонското друштво “Илинден“-Тирана во обезбедувањето практично спроведување на овие права?

Фото:Д-р Хартмут Лајпнер на Фестивалот на малцинствата во Талин, Естонија

Д-р Хартмут Лајпнер: ФУЕН може да му помогне на “Илинден“ на неколку практични начини:

Меѓународен мониторинг. ФУЕН може да му помогне на “Илинден“ да ги достави соодветно документираните проблеми до мониторинг-механизмите на Советот на Европа. Важен е и процесот на пристапување на Албанија во ЕУ. Европската комисија ги оценува правата на малцинствата во своите годишни извештаи за Албанија, а ФУЕН може да се погрижи гласот на македонската заедница да биде слушнат во Брисел.

Размена на добри практики. Многу членки на ФУЕН имаат долгогодишно искуство со двојазично образование, малцински медиуми и употреба на малцинските јазици во јавната администрација. Лужичките Срби, корушките Словенци и другите заедници можат да споделат што функционирало, а што не “Илинден“ не мора да почнува од нула.

Јакнење на организациските капацитети. Спроведувањето на правата често се одлучува на локално ниво, во училиштата, општините и административните институции. ФУЕН може да му помогне на „Илинден“ да ги зајакне своите капацитети преку обуки, партнерства во проекти и пристап до европските програми за финансирање.

Дијалог. Правата стануваат реалност кога малцинствата и владите разговараат меѓусебно како рамноправни партнери. ФУЕН може да го поттикне и придружува овој дијалог со албанските власти во конструктивен дух.

Македонски весник “Илинден“: Имајќи го предвид 11-годишното членство на Македонското друштво “Илинден“-Тирана во ФУЕН и неговата соработка во рамките на АГСМ, кои области треба да бидат приоритет во наредните години? Дали оваа соработка може да се развие во долгорочни заеднички проекти за заштита на јазикот, културата, идентитетот и правата на македонското национално малцинство во Република Албанија?

Д-р Хартмут Лајпнер: Да, убеден сум дека оваа соработка може да прерасне во долгорочни заеднички проекти. Единаесетгодишното членство изгради меѓусебна доверба. Сега треба да ја направиме соработката поструктурирана и поодржлива.

Според мое мислење, четири области треба да бидат приоритетни:

Образование на мајчин јазик. Ова е клучот за иднината на секое малцинство. Заедничките проекти би можеле да го поддржат наставниот процес на македонски јазик, обуката на наставници, изработката на современи наставни материјали и размената со наставници од други училишта на словенските малцинства во рамките на АГСМ.

Младите. Јазикот опстојува само ако младите го користат со самодоверба. Преку младинскиот партнер на ФУЕН, Младината на европските националности, младите Македонци од Албанија можат да се запознаат со своите врсници од другите малцинства, да учат од нив и да станат следната генерација лидери.

Културно наследство и медиуми. Културното наследство на македонските заедници, на пример во Мала Преспа и Голо Брдо, заслужува да биде документирано и пренесено на идните генерации. Медиумите и дигиталните содржини на македонски јазик можат да го внесат јазикот во секојдневниот живот. Тука можеме да се потпреме на сопственото искуство на АГСМ, како што е нашиот филм за корушките Словенци.

Права и учество. “Илинден“ и ФУЕН треба заеднички да го следат спроведувањето на малцинските права во практиката и да го зајакнат учеството на Македонците во јавниот живот.

За ваквите проекти потребни се партнери и стабилно финансирање. Во рамките на АГСМ, „Илинден“ ќе најде искусни партнери, а ФУЕН може да помогне во обезбедувањето на потребната поддршка. Целта е јасна: проекти што ќе траат подолго од поединечни настани и долгорочно ќе ја зајакнуваат македонската заедница во Албанија.

Фото: Д-р Хартмут Лајпнер на семинарот во 2026 година на Групата на национални малцинства без матична држава при FUEN, во Леуварден, Холандија.

Македонски весник “Илинден“: ФУЕН е една од водечките европски организации што ги застапуваат интересите на автохтоните национални малцинства. Кои механизми ги користи организацијата за да им помогне на своите членки кога нивните права не се спроведуваат во практиката? Можеме ли да очекуваме нови иницијативи од ФУЕН за зајакнување на правната и институционалната заштита на македонските малцинства во Европа?

Д-р Хартмут Лајпнер: ФУЕН располага со неколку механизми за помош на своите членки чии права не се почитуваат во практиката:

Мониторинг и известување. ФУЕН доставува конкретни случаи до мониторинг-механизмите на Советот на Европа и до Обединетите нации, вклучително и до Форумот на ОН за прашања на малцинствата. Преку нашиот инструмент „Minority Monitor“ ги правиме видливи и споредливи недостатоците во спроведувањето на правата.

Политичко застапување. ФУЕН соработува со Европскиот парламент, Европската комисија и националните парламенти. Организацијата директно им ги претставува проблемите и барањата на своите членки на носителите на одлуки.

Јавни соопштенија. Претседателството и Собранието на делегати усвојуваат соопштенија и резолуции кога се загрозени правата на некоја заедница. На тој начин, проблемите на нашите членки добиваат тежина и поддршка од една европска мрежа.

Присуство. Посетите, семинарите и конгресите во регионите во кои живеат нашите членки им покажуваат на владите дека Европа внимателно ја следи состојбата.

Македонските заедници во Европа живеат во многу различни услови. Во некои држави тие се признати и имаат сопствени институции. Во други сè уште се борат за признавање, а македонските здруженија дури се соочуваат и со пречки при регистрацијата. Европскиот суд за човекови права повеќепати има донесувано пресуди во вакви случаи.

Како портпарол на АГСМ и потпретседател на ФУЕН, ќе работам на тоа овие прашања да бидат цврсто вклучени во агендата на ФУЕН. Семинарот во Тирана даде нов поттик. Сакам да продолжиме во таа насока: преку поблиска соработка меѓу македонските организации во нашата мрежа, заеднички ставови и доследно застапување на европско ниво. Секоја заедница има право да биде признаена онаква каква што навистина е.

Македонски весник “Илинден“: За крај, која е вашата порака до Македонците во Република Албанија? Што би им порачале на сите оние кои работат на зачувување на својот национален идентитет, јазик, култура и традиции, како и на заштитата на своите права во една демократска и обединета Европа?

Д-р Хартмут Лајпнер: Мојата порака е порака на охрабрување и почит. Она што го правите секој ден – зборувањето на вашиот јазик дома, пренесувањето на песните и традициите, воспитувањето на вашите деца и одржувањето на вашите здруженија во живот – не е мала работа. Тоа е темелот врз кој се гради иднината на секое малцинство. Законите и институциите се важни, но на крајот, еден јазик живее затоа што луѓето избираат да го зборуваат, а една култура живее затоа што луѓето избираат да ја пренесуваат на идните генерации.

Ова го велам како Лужички Србин од Лужица. Мојот народ е мала словенска нација во Германија и ги познаваме двете страни: притисокот за асимилација и силата што произлегува од меѓусебното единство. Научивме дека едно малцинство не опстојува со затворање во себе. Тоа опстојува кога има самодоверба во сопствениот идентитет, а истовремено останува отворено кон соседите и општеството во кое живее.

На Македонците во Албанија би им порачал: бидете горди на тоа што сте. Вашиот идентитет никому не му претставува закана. Тој ги збогатува Албанија и Европа. Инсистирајте на вашите права смирено и истрајно и барајте дијалог со оние што донесуваат одлуки. Пред сè, вклучете ја младата генерација, бидејќи иднината на вашиот јазик е во нивни раце.

И знајте дека не сте сами. Во ФУЕН и АГСМ имате семејство од заедници низ цела Европа кои ги споделуваат вашите грижи и стојат покрај вас. Една демократска и обединета Европа е целосна само тогаш кога во неа има место за сите народи, големи и мали.

Македонски весник “Илинден“: Ви благодариме за одвоеното време, соработката и подготвеноста да ги споделите вашите ставови со нашите читатели во врска со заштитата на националните малцинства во Европа. Во име на Македонското друштво „Илинден“-Тирана, ви посакуваме понатамошни успеси на личен и професионален план.

Македонски весник “Илинден“

Главен уредник: Никола Ѓурѓај