ИК на ВМРО-ДПМНЕ: Преспанскиот е договор политички мртов (ВИДЕО)

Би сакал да ве информирам од текот на денешната седница на Извршниот комитет на партијата која што се уште е во тек, но клучните одлуки се веќе донесени. Можам да ја известам јавноста дека се разгледа информацијата по однос на одржаниот референдум, актуелната политичка ситуација и се донесоа неколку заклучоци за делувањето во следниот период. Извршниот комитет донесе заклучок со кој овој референдум го прогласи за неуспешен, имајќи во предвид дека на истиот излегоа само 36 проценти од гласачите што ја покажува јасната волја на народот против прифаќање на овој договор.

Референдумот беше и со бројни нерегуларности. Констатиравме дека согласно анализата направена од нашиот тим преку 50 илјади ливчиња беа уфрлени во гласачките кутии, понатаму се заплашуваа граѓани, имаше обид за поткуп, влијание врз гласачи, кршење на молк и други нерегуларности со што бевме сведоци на едни целосно недемократски и криминален процес и затоа целата постапка на референдумскиот резултат ја прогласуваме за голем фалсификат и резултатот на референдумот не го признаваме.

Во исто време би сакале да упатиме порака до власта да престане со шиканирање, разместување и бркање од работа на сите оние кои што одлучија да гласаат против или да не излезат на референдумот. Сето тоа го следиме, го документираме и за истото ќе преземеме соодветни мерки. Раководителите кои што тоа го прават ќе одговорат согласно законот. Бараме да се почитува Законот за јавна администрација, а приватните фирми кои што го прават тоа да се занимаваат со сопствениот бизнис а не со притисоци и уцени кон граѓаните кои што имаат право и да гласаат и да не гласаат.

Согласно на ова ИК заклучи дека Договорот од Преспа е политички мртов и е празно слово на хартија. Извршниот комитет денеска ги разгледа и ги прифати предлозите на Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Господин Христијан Мицкоски и донесе неколку заклучоци.

  1. Да се формира во Собранието Анкетна Комисија составена од пратеници. Иницијатива за формирање веќе е поднесена, комисијата која ќе има задача да ги истражува и разгледува сите неправилности и нерегуларности кои се случија на денот на референдумот а се далеку од демократските и европските принципи и веднаш потоа заклучоците да се процесираат до органите на прогонот и оние кои што правеа неправилности пред, на денот и по референдумот да бидат соодветно санкционирани според Изборниот и Кривичниот законик.
  2. Барање за разрешување на актуелниот Јавен обвинител кој е предложен од власта, а не ја извршува својата задача согласно ингеренциите и должностите односно замижува пред очигледниот криминал и нерегуларности пред, на денот и после референдумот. Избор на нов Јавен обвинител на предлог на опозицијата кој ќе треба да се позанимава со сите овие нерегуларности.
  3. Доколку Заев има намера да распише избори би сакал да кажам дека ќе го победиме. Покрај овие две барања, потребно е веднаш да се почитува договорот и законот за избори каде ќе се формира техничка влада според пржинскиот модел со мандат од 100 дена. Тоа значи оставки на Заев, Спасовски и Царовска и министри за внатрешни и за труд и социјала од ВМРО-ДПМНЕ 100 дена. Само тоа ќе е предуслов за колку толку фер избори.

Во поглед на кадровските прашања на ВМРО-ДПМНЕ, Извршниот комитет денеска одлучи да се формира Републичкиот изборен штаб и Градскиот изборен штаб на Град Скопје. За претседател на Републичкиот изборен штаб беше избран Генералниот секретар Игор Јанушев, а за претседател на Градскиот изборен штаб на Град Скопје потпретседателот на партијата Владо Мисајлоски.

 

Advertisement