Илир Мета кандидат за претседател на Албанија

 

Актуелниот спикер на парламентот и лидер на Движењето за социјалистичка интеграција, Илир Мета сигурно е дека ќе биде новиот претседател на Албанија. По трите неуспешни кргови во Парламентот, во кои и немаше кандидат, на денешната седница на законодавниот дом, закажана за попладнево во 17 часот ќе се спроведе четвртиот круг.

Движењето за социјалистичка интеграција ги собра потребните потписи за кандидатурата на Мета, а синоќа одлука да ја подржи неговата кандидатура донесе и Претседателството на Социјалистичката партија на актуелниот премиер Еди Рама.Веста по седницата на партиското претседателство ја соопшти социјалистичкиот пратеник Таулант Бала, додавајќи дека одлуката е донесена едногласно.

Потврда за тоа дека во претседателката резиденција веќе го гледа Илир Мета, дојде доцна синоќа и од премиерот Еди Рама, кој гостувајќи во емисијатa „Топ Стори“ на телевизијата Топ чанел, рече дека Мета е потребниот избор за претседател.

Албанскиот законодавен дом брои 140 пратеници. Според уставот се спроведуваат пет круга на гласање. Во првите три круга, предложениот кандидат, за да стане шеф на државата треба да добие поддршка од две третини од пратениците, односно 84 гласови. Во четвриот и петтиот круг потребно е просто мнозинство од пратениците, односно 71 глас.

Доколку биде избран, Мета ќе биде седмиот претседател на Албанија по падот на тоталитаризмот во земјата, кога за прв плурален претседател беше избран Рамиз Алија , Потоа, него го замени Сали Бериша, по кого беше избран Реџеп Мејдани, па Алфред Моисиу, Бамир Топи и актуелниот Бујар Нишани.

Advertisement